Топ 3 за месец мај » SKALA School

Топ 3 за месец мај

433 Comments off кариера, Студенти

Најозборуваните дела од студентите на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“.

Поради практичноста на наставните предмети од вториот семестар на Академијата за визуелни уметности, заедно со студентите одлучивме да ја прекинеме онлајн наставата и трпеливо да причекаме нормализација на состојбата.

Токму поради оваа причина, од месец мај ќе претставиме авторски проекти на студентите, независни од вежбите, проектите и домашните во рамките на Академијата. Добрата вест е што, конечно се врати редовната настава во нашите простории.
И морам да признам, креативниот џумбуш ни недостигаше на сите! 


НИКОЛА ПАНОВ

Никола е по втор пат во рубриката „најозборувани 3 дела“. Пред неколку месеци, го претставивме како мултидисциплинарен артист, а овој пат, тоа и ќе го докажеме! Во месец февруари беше дел од рубриката со фотографска реконтекстуализација на култно сликарско дело од Рене Магрит, а овој месец, ќе разгледаме неколку илустративни сликарски брзопотезни дела или конкретно, лавиран туш на картон. Лесна, едноставна линија, без некоја определена идеја, со единствена цел – медитација на умот, а истовремено и вежба за проектот во најава. Никола ни откри дека, на оваа естетика ќе и додаде и наративна содржина или конкретно – работи на новиот стрип!


Автор: Никола Панов
Инстаграм: nikartic
Наслов: Слобода
Медиум: Лавиран туш на картон
Академија: Визуелни уметности


НИКОЛА: Скоро година дена подготвувам нов стрип и најверојатно следната година ќе излезе во печат. Настрана од цртањево, работам на третиот дел од музичкиот серијал „Подрумот на Мислата“, кој излегува во три делови. Првите два дела се веќе достапни на YouTube. Карантинските денови се одлични за концентрирање на идеи и нивна реализација, сепак, се надевам дека набргу ќе се врати „слободата“.


ИВАНА ПЕКЕВСКА

Се уште сме под влијание на општествената вистина, а најверојатно уште долго во нашите дела ќе се провлекува оваа тема, или последиците од истата. Трет месец по ред во рубриката „најозборувани 3 дела“, ќе претставиме дигитални илустрации на тема „ковид“. Сигурно ќе се сетите на постерот на Бојан Матејин и графиката на Иван Мегленов

Ивана е една од најактивните студентки на Академијата за визуелни уметности. Активна за време на часовите, неуморна и продуктивна во исполнување на вежбите и проектите по часовите, без оглед што на настава доаѓа веднаш по завршување на професионалните активности. Таа е архитект, љубител на спортот, планините и природата.

Најзначајните дела во историјата на уметностите се оние дела кои потекнуваат од субјективната потреба да се раскаже идеја, став и приказна. Личните приказни ги познаваме најдобро, и за нив можеме да зборуваме на наједноставен јазик.

Ивана во делата ни раскажува токму лична приказна, или ни дава претстава на тоа што прават спортистите за време на карантинот, а едно од делата ги посвети на „Скопски маратон“, кој годинава поради пандемијата беше одложен.


Автор: Ивана Пекевска
Инстаграм: pek.iva
Композиција I: Quarantine marathon runner
Композиција II: Quarantine skater
Композиција III: Quarantine cyclist
Композиција IV: Quarantine scout
Композиција V: Quarantine snowboarder
Композиција VI: Quarantine climber
Медиум: Дигитална илустрација
Академија: Визуелни уметности


ИВАНА: Делата се илустрации инспирирани од ситуацијата со „Ковид 19“, карантинот и мојата желба за адреналински спортови, ги направив овие илустрации на дебели тажни спортисти (дебели затоа што сè што правите во карантин е храна) чии што куќи се премногу мали за нивните животни стилови. Моментално, преку овие илустрации испробувам да ја покажам тешката ситуација низ којашто поминуваат спортистите кои природата ја гледаат како прв дом, а домот во кој мораат да седат за време на пандемијата го гледаат како втор дом. Но, и покрај тоа што мораат да седат дома, тие наоѓаат креативен начин како да продолжат да спортуваат.


МАРИЈА ЈАЌОВСКА

Марија [како и Никола], е по втор пат во рубриката „најозборувани 3 дела“ во рамките на Академијата за визуелни уметности. Првиот пат го претставивме нејзиниот фотографски триптих, додека овој пат ќе поразговараме за нејзината графика „Мед и млеко“ изработена во бакропис, што е својствено за неа, затоа што таа покрај студиите на нашата академија, е редовен студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. 

Бакрописот е техника во графиката каде што се користи цинк плоча. Таа се покрива со асфалт, па потоа на неа се извлекуваат линии со игла. Потоа плочата нурнува во киселина, и линиите кои се повлечени се затемнуваат. Акватинтата е сличен принцип, со тоа што не се повлекуваат линии, туку преку тонови кои варираат од тоа колку долго стои плочата во киселина.

Делото претставува хаос кој е присутен во секој аспект од животот, но и ултимативно движење кон посветли, подобри нешта. 

За прв пат, во оваа рубрика ќе се дрзнам да излезам од предвидените рамки, но секако ќе останам во контекст на делото и темата. Имено, по враќањето на наставата во нашите простории, на моја огромна радост, Марија ми го подари делото „Мед и млеко“. Не постои поголемо задоволство од тоа кога некој ќе ви подари уметност, или кога некому ќе подарите уметност. Но, можеби ова немаше никогаш да го изнесам јавно, доколку приказната не беше надополнета со една порака која пристигна на мојот месинџер во истиот момент додека Марија ми зборуваше за нејзиното дело. Пораката беше всушност фотографија од ентериер, конкретно дело закачено на ѕид [во прилог долу десно]. Тоа е дело [акрил на платно], кое го создадов пред околу 12 години, и го подарив на мојата професорка. Во истиот тој момент, моја студентка ми подарува нејзино дело. Бесценето!


Автор: Марија Јаќовска
Инстаграм: jakjovska
Наслов: Мед и млеко
Медиум: Комбинирана техника: графика / бакропис + акварел
Академија: Визуелни уметности


МАРИЈА: Надвор од факултетот, каде користам различни техники кои се дел од графиката, уживам во сликарството, фотографијата, дигиталната илустрација. Особено многу ми лежи работата со акварели, а во последно време почнав почесто да користам и маслени бои. Почнав повеќе да истражувам и филмови и голем фан сум на словачки и француски “new wave” филмови. Сакам и театар. Последната претстава која ми остави голем впечаток беше “Орестија 1/4“ во режија на Ивица Димитријевиќ. Надвор од уметноста, многу сакам да пешачам во природа и сум голем љубител на животни па ја искористувам секоја прилика да бидам околу нив. Дел од карантинот го поминав на село, каде што се разбира голем дел од времето го поминував во природа и се фокусирав на развивање концепти за идни графики или слики.


ПОГЛЕДНИ ГИ ТОП 3 ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ