ДИЗАЈН ПРОЦЕС: РЕКРЕАЦИЈА - РЕКОНТЕКСТУАЛИЗАЦИЈА » SKALA School

ДИЗАЈН ПРОЦЕС: РЕКРЕАЦИЈА – РЕКОНТЕКСТУАЛИЗАЦИЈА

593 Comments off кариера, Студенти

Од студентите за студентите:

ИЗДВОЈУВАМЕ ИМПРЕСИИ ОД ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ НА МОИТЕ КОЛЕГИ ОД АКАДЕМИЈАТА ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН, ПО ПРЕДМЕТОТ ПОСТПРОДУКЦИЈА И МОНТАЖА НА ФОТОГРАФИЈА, ПОД МЕНТОРСТВО НА ДЕЈАН ЏОЛЕВ. 


Задачата беше брифирана под тема „Рекреација или реконтекстуализација на култно сликарско дело“, со цел совладување на принципите во монтажа на фотографија, но и одлична можност за доусовршување на нашите знаења во дигиталната алатка ADOBE Photoshop. Разликата помеѓу „рекреација“ или „реконтекстуализација“ е во тоа, дали ќе го рекреираме во целост познатото сликарско дело, или преку „реконтекстуализација“ ќе интервенираме со контекст во делото.


Првиот чекор на проектот беше одлука кое култно дело да го одбереме за да го рекреираме/реконтекстуализираме. Поминавме 48 часа (викендашки) во потрага по инспирација, преку гуглање и стручна литература. Додека го правевме изборот, немавме идеја како ќе ја реализираме, но со практични, методолошки совети од страна на нашиот ментор, почнавме да ја развиваме идејата секој индивидуално за сопствениот избор. Процесот се состоеше од барање модел, избор на локација, костими, шминка, реквизити, светло, итн.
Интересен е фактот што повеќето од нас се одлучија за изработка на автопортрет, преку интервенција (реконтекстуализација) на портретна слика од некој голем мајстор.


Мартина Салова Чешновар, одличнa фотографка, прва закажа фотосет во студио. Таа го одбра Рене Магрит и интервенција на делото „The Son Of Man”.


„The Son Of Man” (Rene Magritte)


Ова беше првиот фотосет што се одржа во студио и претставуваше одлично искуство за мене и моите колеги. Бев љубопитна за изборот на Мартина, па ја прашав зошто го одбра токму ова дело на Рене Магрит:


„Зашто е истовремено уметник и филозоф, зашто го тера набљудувачот да размислува, зашто ми се допаѓа тоа што е мрачен и бизарен. Има широк опус, а делата му се многу интересни и отворени за разни интерпретации“.  Мартина ни го сподели и искуството околу предпродукциските подготовки: „Секогаш сум многу возбудена кога сум на фотосет. Кога фотографирам, толку се внесувам во работата што заборавам на сите ситни несигурности, на сѐ околу мене и се фокусирам само на тоа што го правам. Дури не бев свесна ни колку ми беше топло така наоблечена, додека не заврши сетот. Што се однесува до костимот и реквизитите – штом се одлучив за делото, веднаш почнав да размислувам за тоа. -Аха, добро, палто ќе позајмам од брат ми, кошула имам, шеширче ќе купам, вратоврска ќе ми даде другар“… 




А на крајот поразговаравме и за интервенцијата на делото од Магрит:

„Најголемата интервенција е тоа што наместо маж, на фотографијата стои жена. Друга интервенција е реквизитот. Магрит имал обичај ликовите на луѓето што ги слика да ги крие со некои вообичаени објекти од неговото опкружување и на тој начин да поттикне некаква мистериозност, но и непријатност. Во ова дело, лицето на човекот е затскриено од зелено јаболко. Субјектот е човек-бизнисмен што го губи својот идентитет, облечен во облека карактеристична за тоа време и место, толку фокусиран на она што му е пред очи, што не ја перципира околината. Во моето дело, лицето ќе биде затскриено од телефон. Има смисла, нели?“ – ни сподели Мартина.


[конeчено дело] Автор: Мартина Салова Чешновар


Би сакала да го издвојам и проектот на Томе Арсов. Томе е препознатлив по својот хумор на часовите и секогаш е спремен да даде идеја плус за реализација.
Според мене, Томе имаше голем предизвик за реализација на делото. Во случајов, го одбра за рекреација делото на Рене Магрит – The Present.


„Нешто морав да одберам нели?! Најпрвин сакав да биде нешто поразлично од останатите примери, па одбрав сосема случајно, а дури потоа констатирав дека ми е баш супер избор“. – Томе ни раскажа и за потрагата по моделот : )

„Хахаха… лудо… Идејата беше на менторот секој од нас да напише „оглас“ статус на Фејсбук дека бараме орел. Нормално, имаше шеговити коментари, но имаше и баш такви какви што баравме“.



__________



__________



__________



__________





__________


На крајот Томе имаше толку многу избор што можеше да одбере вид и големина на птица. Се одлучи за јастребот Хари којшто дојде во нашето студио заедно со Трајче Китановски, неговиот сопственик.


„Во еден момент, додека го фотографирав Хари, гласно го молев да ја сврти главата на другата страна, како што ми беше потребен со зборовите: сврти се Хари, сврти се… а тој во тој момент се сврте, но не само главата туку целиот, практично ми сврте грб и сите присутни едногласно „паднавме” од смеа“. – ни додаде Томе од искуството на сетот.


Овој проект беше одличен и продуктивен предизвик за мене и моите колеги. Постојано бевме во заеднички контакт, си помагавме на фотографските сетови, споделувавме идеи и реквизити, се радувам што сме добар тим!


За крај, споделувам и неколку импресии од анализа на делата. Нашиот ментор нè изненади со „мини“ изложба, каде што беа отпечатени и изложени нашите фотографии. По жестоката анализа од страна на менторот, наздравивме со шампањ, а веднаш по паузата бевме брифирани за нашиот следен проект „концепт-фотографија за постер-кампања на општествено одговорна тематика“. 


Импресии од презентација на проектите [студенти: Сара Саралиева, Драгана Трајкова, Марија Кошевец]


Сите останати конечни дела ќе имате можност да ги погледнете на нашата завршна изложба на есен, а за крај на приказната, ќе ви спомнам и за мојот проект. Решив да се посветам на рекреација на делото на Енди Ворхол „таткото на поп-артот” и неговото дело Liz. Причината поради којашто го одбрав ова дело е баш филмската дива Елизабет Тејлор… Толку од мене, се читаме во наредна прилика, со нешто ново и интересно.

______
Фотографии од час: Томе Арсов


______________

УПИСИТЕ ЗА НОВАТА ГЕНЕРАЦИЈА СЕ ВО ТЕК!
ПОГЛЕДНИ ПОВЕЌЕ:
АКАДЕМИЈА ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН