Импресии 2020 » SKALA School

Импресии 2020

1298 Comments off Инфо

Изминатата 2020 година, со сите свои општествени текови и предизвици, би ја издвоиле како една од најуспешните во деветгодишното постоење на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. 

Издвојуваме само дел од сите значајни импресии и спомени, благодарни и горди за секој изминат ден помеѓу студентите, колегите и соработниците.

ЈАНУАРИ

ПРОДУКТИВЕН ПОЧЕТОК
Почетокот на годината ја започнавме активно и продуктивно. Студентите беа во цутот на нивната креативност, додека ние се обидовме дополнително да ги мотивираме со работа на проекти, директно во индустријата. Издвојуваме неколку интернационални гостувања во рамки на Академиите за дизајн: Клаудиа Ателјe (Германија), сопственик на компанијата First wear, проф. Милтон Агуире од Универзитетот за технологија од Делф и Беатрис Вајсел (Виена),  сопственик на компанијата Wascheflott Wien – компанија каде што наши студенти посетуваат пракса. 

ФЕВРУАРИ

ПРОМОЦИЈА НА ТЕХНОЛОШКА ЛАБАРАТОРИЈА
Удобноста во работата на студентите е приоритет во спроведување на наставната програма. За полесно и покреативно изразување им овозможуваме на студентите: современо фото и видео студио, цртачко и сликарско ателје, комплетно опремено модно ателје, додека овој месец дополнително инсталиравме технолошка лабораторија со таблети за цртање, 3Д-принтери и материјали за 3Д-печатење.

МАРТ

ВИРТУЕЛНИ УЧИЛНИЦИ
За жал, на оваа пролет бевме приморани да ѝ се радуваме од прозор и да учиме од дома, но нескромно сме горди на нашата техничка поддршка и менторска подготвеност. Успеавме за само седум дена да транзитираме од физичка настава кон нашите виртуелни училници и да се прилагодиме на новите технолошки тенденции без притоа да се одрази на наставната програма.

АПРИЛ

МАСТЕРКЛАС СО ТАМАРА КОТЕВКСА
По прифаќање на општествената стварност и можностите на новите форми на комуникација, понудивме на креативната заедница, онлајн Мастерклас програми, меѓу кои го издвојуваме ексклузивниот (тридневен) Мастерклас на Тамара Котевска, режисерката на „Медена земја“, која, по предавањето на Беркли (Berkeley) Универзитетот во Калифорнија, Филмскиот Универзитет во Хонг Конг и фестивалот Doc Nomads, се дружеше и со нашите студенти. Додека на најмладите и социјално најзагрозените – децата, им понудивме онлајн читање на бајки од страна на професионални актери преку драмска имитација и импровизација.  

МАЈ

8 ГОДИНИ ЏОЛЕВ И УМЕТНОСТИТЕ
На 3 мај 2012 година, во „Џолев и Уметностите” се одржа првиот час. Изминатите 8 години во школата предаваа најзначајните македонски дизајнери и уметници и најпопуларните универзитетски професори од локалните универзитети. Повеќе од 150 ментори и гости предавачи, повеќе од 2500 учесници на сите возрасти од цела Македонија. Овој ден е резервиран за шампањ! 🙂

ЈУНИ

СКАЛА МАГАЗИН – ГЛАС НА НОВАТА СЦЕНА!
Карантинот беше благослов за старите идеи! www.skala.mk е онлајн! – благодарение на техничкиот и интелектуален труд на студентите во школата.

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена. 

Наскоро во книжарниците на полица ќе се појави и првото печатено издание.

ЈУЛИ

НОВИ ПРОСТОРИИ ВО ДЕБАР МААЛО
Продолживме да растеме и физички. Скромно и непомпезно го отворивме новото ателје за моден дизајн во Дебар Маало. Дојдете ни на кафе! 

АВГУСТ

САРАЕВО ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
Оваа година немавме можност да патуваме позади седум реки и планини, но затоа малку езеро и малку повеќе коктели ^_^ додека нашиот филм „Ќе му се јавам на татко ти“ во режија на Леон Ристов, имаше светска премиера на Сараево Филм Фестивал, а подоцна учествуваше уште на десетици интернационални фестивали и освои три награди за најдобар филм. 

СЕПТЕМВРИ

СТУДЕНТИТЕ ПРЕЗЕНТИРАА ПРЕД КОМПАНИИ
Продолжи поврзувањето на нашите студенти со индустријата. 60 студенти од четирите Академии за дизајн (визуелни уметности, графички дизајн, моден дизајн и ентериер и дизајн на мебел) преку јавни презентации се запознаа со главните менаџери на најзначајните маркетинг и адвертајзинг агенции, дизајн-студија, фото и филм-продукции… каде што имаа можност да посетуваат едномесечна работна пракса. Дел од студентите се вработија во компаниите каде што посетуваа пракса, додека други основаа сопствени компании, работат на сопствени проекти или продолжија со образованието.

ОКТОМВРИ

СТУДЕНТСКА ИЗЛОЖБА ВО 5 ХАЛИ
Традиционално и оваа година, нашите студенти се претставија на групна финална изложба „Parádeigma“ во 5 полни хали дизајн и уметнички дела и повеќе од 1000 посетители во една вечер! – Ден на којшто свечено беа доделени дипломите на генерацијата 2019/20. 

Го издвојуваме и учеството на студентите од Академијата за моден дизајн на „Моден викенд – Скопје“ преку групна ревија во којашто се претставија индивидуални дизајнерски колекции под менторство на професорот Никола Ефтимов.

НОЕМВРИ

НОВА АКАДЕМСКА ГОДИНА
Ние не формираме групи, туку водиме генерации. Започнаа студиите на нови креативци, дечки и девојки со желба за промена, развој и другарување. 

Стремежот за нови едукативни методи е постојан предизвик. Првиот учебен ден е од огромна важност за припадноста и комотноста на студентите. Оваа година започнавме преку неформална средба со цел студентите да се запознаат меѓу себе, но и со менторите, програмата и распоредот за семестарот.

ДЕКЕМВРИ

ИНСТИТУТ ЗА ДИЗАЈН И ТЕХНОЛОГИЈА – СКОПЈЕ
Единствената Школа за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ неофицијално го најави партнерството со „Институтот за дизајн и технологија – Скопје“ со цел развој на прогресивни образовни системи и политики во креативната индустрија. Рано во новата 2021 година очекувајте повеќе информации, но бевме нетрпеливи да ви ја споделиме оваа голема радост! 🙂 


2020 година ти благодариме,
2021 година подготвени сме за тебе 🖤




Другари, прочитајте ги импресиите од 2019 година