СЕКОЈ ДЕН УЖИВАМ НА МОЕТО ПРВО РАБОТНО МЕСТО » SKALA School

СЕКОЈ ДЕН УЖИВАМ НА МОЕТО ПРВО РАБОТНО МЕСТО

1554 Comments off Инфо, кариера, Студенти



Интервју: Tијана Тошиќ, студент на Академијата за ентериер и продукт-дизајн.




Здраво Тијана, беше дел од Aкадемијата за ентериер и продукт-дизајн на нашaта школа, но твоето искуство со дизајнот не започнува таму, може ли да ни кажеш повеќе за твоето претходно искуство?

Имам завршено индустриски дизајн при Машинскиот факултет во Скопје. Додека студирав, се гледав себеси како личност со интересни идеи и дизајни коишто, пред сѐ, беа со голема функционалност, дури тоа и ми беше приоритет, сите дизајни што ги создавам мораа да имаат голема функционалност и практичност, додека изгледот на дизајнот го оставав да биде едноставен и минималистички, но секогаш сакам да е со врвен квалитет и одлични материјали, без некој дополнителен шмек (од денешна гледна точка). Сѐ уште сум вљубена во минимализмот и во природните материјали, но увидов во себе дека ја имам и таа карактеристика на ирационалност во поглед на дизајнот, дури и кога се работи за облека. И да сум само во една боја облечена, секогаш на крај додавам нешто шарено или контрастна боја којашто ќе се истакне. Од тоа сфатив дека секогаш мора да имам нешто коешто ќе ме издвои по стил како понатамошен дизајнер и креатор.


За време на студиите, дизајнерското студио Siideess, отвори повик за вработување на еден наш студент. Денес ти си дел од тимот, раскажи ни повеќе за твојот професионален ангажман.

Да, тоа е точно и можам искрено да кажам дека уживам. Како девојка која отсекогаш се плашела дали е доволно зрела за сериозна работа и одговорности и проблеми коишто доаѓаат со сето тоа, можам да се пофалам дека мојата прва работа е едно големо учење, работење на тоа како функционира создавање на едно парче мебел и дека не е само како на слики „да изгледа убаво“, туку се работи за цел процес на исполнување на своите замислени идеи и дизајни… притоа тие да се со врвен квалитет и без никакви аномалии и на крајот да се добие совршен производ, а треба да се знае и како да се продадеш на целната група луѓе, кои знаат како да го ценат твојот труд и квалитет во производите. Најмногу ме радува тоа што целиот процес на изработка можам да го гледам и додека се сече и се обработува и кога треба да се пакува и да се испрати на адресата на купувачот. Сето тоа дополнително ме инспирира да се влужувам себеси целосно и да се трудам да бидам и јас дел од подобрување на процесот и изработка на нови дизајни.


Која е твојата желба и цел и каде се стремиш да стигнеш во својата кариера?

Желба и цел во животот ми е да имам свое дизајнерско студио коешто ќе работи со дизајн на ентериери и продукт-дизајн. Дизајнот на ентериери го гледам како многу елегантна работа, но во исто време е и многу „захтевна“ и бара многу внимание, особено кога се во прашање инженерските и мајсторските работи, но тоа е еден целосен процес којшто ме исполнува. Кога можеш од гол и празен простор да направиш дом, совршен за живеење. Тоа дизајнерско студио би сакала да биде раширено надвор од нашата држава и дизајните да бидат препознатливи до тој степен, што купувачот кога ќе го види, ќе знае кој стои зад дизајнот и ќе си рече „а па да, тоа и личи на неа“ или „знаев дека е нејзин дизајн“ и секако да го купи затоа што ќе бидат функционални и убави. Можеби е цел што скоро секој дизајнер ја посакува, но секој сака да се истакне и да се одликува по својот изразен стил и вкус во поглед на дизајнот.
Кога работиш како дизајнер, работиш на подобрување на работите во светот и на олеснување на проблемите на луѓето, затоа сметам дека треба да ги цениме луѓето кои ги создале предметите и ги унапредиле и со уште поголем замав работат на тоа да бидат уште подобри и да создаваат подобри и поиновативни производи.


Дали можеш да издвоиш омилен ментор и предмет?

Омилен ментор за мене е Апостол, кој ни беше ментор на предметот дизајн-процес. Според мене, е омилен од страна на целата група, затоа што најзабавно сме си поминувале на неговите часови и така и како група повеќе се споивме. Начинот на предавање на Апостол е многу интересен и не е класичен, туку на начин на којшто многу полесно можеме да ги научиме работите. Секогаш имавме опуштена атмосфера кога имавме час и односот кон нас беше пријателски, за сѐ можевме да зборуваме со него, исто како да сме на кафе негде седнати, а не на час. На тој предмет и како група сфативме дека заедно многу добро функционираме, што додатно нѐ спои.

Уписите за новата генерација студенти на Академијата за ентериер и продукт дизајн е во тек! Погледни повеќе на овој линк.

АПЛИЦИРАЈ ЗА СТИПЕНДИЈА!