АЛЕКСАНДАР НОШПАЛ - НОВ МЕНТОР НА АКАДЕМИЈАТА ЗА МОДЕН ДИЗАЈН » SKALA School

АЛЕКСАНДАР НОШПАЛ – НОВ МЕНТОР НА АКАДЕМИЈАТА ЗА МОДЕН ДИЗАЈН

1874 Comments off Инфо, кариера, Студенти




Прекрасна вест! : )


Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите”, од оваа академска година започнува соработка со познатиот македонски дизајнер и костимограф, Александар Ношпал, кој е нов ментор на предметите „вовед во моден дизајн“ и „модна колекција“.

Украдовме малку време од неговиот полн продуктивен распоред да поразговараме за тоа што ги очекува студентите оваа учебна година, на Академијата за моден дизајн.

НОШПАЛ: Предметите Вовед во моден дизајн и Модна колекција се во тесна корелација со севкупниот концепт на Aкадемијата за моден дизајн. Имено, студентите ќе имаат можност, преку изработка на портфолија на зададени теми и задачи,  да се запознаат со начинот на формирање и поставување на едно кохерентно и издржано модно досие, коешто ќе ги содржи сите елементи потребни да се презентира, прочита и опише темата, идејата и пораката на креаторот, како и со вештините потребни за техничка елаборација на сите елементи, со цел јасно и детално објаснување и презентација на идејните решенија и изработка на успешен моден производ. Тоа, всушност, подразбира детално и креативно истражување, создавање на концепт и развој на истиот, креирање и илустрирање на одевни предмети со примена на одредена палета на бои и на соодветни материјали, техничка разработка на истите и нивна финална реализација. Главниот акцент, секако ќе биде ставен и на временската рамка на реализацијата на задачите, со цел студентите да се приспособат на брзиот ритам и навремено и професионално исполнување на барањата на модните консументи.

Покрај знаењето и искуството кое ќе го стекнат студентите на предметот „модна колекција“, Александар Ношпал ќе го предаде и предметот „теорија и историја на моден дизајн“

НОШПАЛ: Што се однесува до предметот Теорија и историја на модниот дизајн, студентите ќе имаат можност да се запознаат со феноменот на модата и модниот дизајн, неговите карактеристики, неговиот историски, глобален, антрополошки, културолошки, социолошки, економски и временски контекст, како и со неговата семиотика и семантика. Предметот има за цел да ги поткова студентите со основни познавања на феноменологијата и комплексноста на оваа област, нејзиното локално и глобално влијание врз промените и движењата на општеството, како и нејзиното значајно место во секојдневниот живот и постоењето на човекот.

— —


Александар Ношпал е роден во 1973 г., завршил моден дизајн на Интернационалната школа за моден дизајн, ЕСМОД во Париз, во 1995 година, како најдобар студент на генерацијата. По студиите, стажира во неколку познати париски модни ателјеа, а би го издвоиле неговиот ангажман како асистент-моден дизајнер во модната куќа „Гре“.

Магистерската диплома по моден маркетинг и менаџмент ја стекнал во 2008 година на Универзитетот за Креативни Уметности во Епсом, Лондон. Двапати бил декан: на Факултетот за дизајн и мултимедија при ФОН Универзитетот во Скопје и на Факултетот за дизајн и мултимедија на Универзитетот УДГ во Подгорица.

Во областа на модниот дизајн во Македонија, тој е присутен од 1996 до денес со својата работа како самостоен моден дизајнер од своето име „Ношпал“, воедно работејќи и за неколку модни куќи како што се „Тетекс“, „Кара“, „Систина“. Учествувал во изработка на многубројни модни едиторијали за списанија (1Е магазин, Лајф магазин), во изработка за комерцијални кампањи и календари (Тутунски комбинат Скопје, Скопска Пивара, Алкалоид Скопје и др.), а иницирал и земал учество во многубројни хуманитарни акции со креирање и продажба на негови одевни предмети (кампањата 69 за борба против рак на дојка и др). Тој е креатор на изгледите на четири наши претставници на Евровизија (ХХL-2000 година, Каролина Гочева-2002 година, Тоше Проески-2004 година и Тамара Тодевска-2019 година). Воедно е и дизајнер на новата униформа на Гардата на Република Северна Македонија.

Како театарски костимограф и сценограф, дебитирал во 1998 година во Скопје со легендарната претстава „Убавицата и ѕверот“, која моментално е најмногу изведувана претстава во историјата на македонскиот театар со истиот непроменет визуелен идентитет. Меѓу 1998 и 2020 година, тој има реализирано над 70 театарски костимографии во многу театарски и оперски куќи во земјата и во светот, меѓу кои се вбројуваат и Националната Опера и Балет, Македонскиот Народен театар, Театарот за Деца и Младинци и Театарот Комедија во Скопје (Македонија), Операта во Лајпциг и Балетот на Рајна во Диселдорф (Германија), театарот Сен Гален (Швајцарија), балетската компанија ЕББ (Мадрид), Хрватските Народни Театри во Загреб, Сплит и Риека, а особено би го извдоиле и неговото гостување како костимограф на претставата „Силенциум“ во престижниот руски театар „Бољшој“, која воедно во 2020 година беше најавена како првата пост-ковидна балетска продукција во светот.

— —

Погледнете дел од модните колекции на нашите студенти, кои се претставија на овогодинешниот Моден викенд – Скопје.

Уписите за новата генерација студенти на Академијата за моден дизајн е во тек! Погледни повеќе на овој линк.

АПЛИЦИРАЈ ЗА СТИПЕНДИЈА!