Импресии 2019
Навистина сме среќни, горди и благодарни на изминатата 2019 година. Неверојатно е тешко да се направи селекција на сите импресии од сите одржани часови, настани, изложби, проекции, промоции… Но, се обидовме преку една интимна перспектива да се потсетиме на најтоплите, најдрагите, најзначајните мигови во Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите”.
ЈАНУАРИ
НЕЗАВИСНОСТ
По успешните две години соработка помеѓу Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите” и „Сивус едукативен и развоен центар”, донесовме одлука за повторно целосно осамостојување, со цел развој на нови едукативни програми од областа на дизајнот и уметностите.
ФЕВРУАРИ
НОВИ ПРОСТОРИИ
Тоа подразбираше потреба од нови поголеми и попрактични простории. Се вселивме во нашето ново студио, во рамките на Центарот за иновации „Јавна соба”, доле на приземје и горе на средина. Целосно опремени за потребите на студентите со 3Д-принтери, таблети за скицирање, машини за шиење, всушност, комплетно модно студио, сликарско ателје и комплетна филмска и фотографска опрема.
ПРОШИРУВАЊЕ НА ТИМОТ
Тимот растеше! Ни се приклучија Ана – маркетинг координатор и Кика – програмски и наставен координатор.
МАРТ
ДОДЕЛУВАЊЕ НА ЦЕЛОСНИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕНИЦИ СО ПРОСЕК ПОД 3.9
Традиционално продолживме со кампањата „Образованието е повеќе од 5.0”, каде доделивме пет целосни стиндии на средношколци кои формалното образование има потешкотии да го препознае нивниот талент и желба за развој.
СТАРТ НА 14 КУРС-ПРОГРАМИ
Се запознавме со нови 160 учесници на 14 курс-програми: графички дизајн, фотографија, сликање, кроење и шиење, филм, литература, естетика, психологија… Тања, Ријад, Маринела, Илчо, Ања, Никола, Сара, Мила… И, секако нашиот најверен слушател – мачорот Бумбар.
АПРИЛ
WWW
www.djolevandthearts.edu.mk се роди! Едно попладне додека цицаше кратко заспа и исчезна од етерот, поради преголемата посетеност на сајтот, или 20.000 посети тоа пладне – упс!
МАЈ
7 ГОДИНИ ЏОЛЕВ И УМЕТНОСТИТЕ
На 3 мај 2012 година во “Џолев и Уметностите” се одржа првиот час. Изминатите 7 години во школата предаваа најзначајните македонски дизајнери и уметници и најпопуларните универзитетски професори од локалните универзитети. Повеќе од 150 ментори и гости предавачи, повеќе од 2000 учесници на сите возрасти од цела Македонија. Овој ден во студио пиевме шампањ (всушност како и многу други денови, но ете тука ќе го спомнеме тоа) 🙂
ЈУНИ
ЗАПОЧНАА УПИСИТЕ ЗА УЧЕБНАТА 2019/20
Едногодишни академии за визуелни уметности, моден дизајн и продукт дизајн. На самиот почеток уште првата недела 35% од капацитетот беше пополнет. Побрзајте оваа година – листата на чекање веќе одбројува!
HONEYLAND
Режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов кои оваа година го прошетаа целиот свет заедно со нивниот филм “Медена земја”, најдоа време да се дружат и разговараат и со нашите студенти од академијата за визуелни уметности. По средбата ги “заборавија” статуетките за освоените награди на Санденс, кои денес се дел од нашиот ентериер за пример и мотивација на новите генерации креативци.
ЈУЛИ
СТУДЕНТИТЕ ПРЕЗЕНТИРАА ПРЕД КОМПАНИИ
Продолжи поврзувањето на нашите студенти со индустријата. 29 студенти од Академијата за визуелни уметности и моден дизајн, преку јавни презентации се запознаа со главните менаџери на најзначајните маркетинг и адвертајзинг агенции, дизајн-студија, фото и филм-продукции… каде што имаа можност да посетуваат едномесечна работна пракса. Дел од студентите се вработија во компаниите каде посетуваа пракса, додека други основаа сопствени компании, работат на сопствени проекти или продолжија со образованието.
ПРОФ. СТЕФАН СИДОВСКИ СИДО
Замина во вечноста нашиот голем другар и учител. Ти благодариме професоре што беше редовен ментор на нашите програми од самите почетоци.
АВГУСТ
ОДМОР
Заслужено! Цела банда преку седум мориња, преку седум реки и планини.
СЕПТЕМВРИ
СТУДЕНТСКА ИЗЛОЖБА
Секој септември е задолжен за промоции, изложби, проекции на сè што сме работеле, минатата учебна година. Меѓу другото ја издвојуваме завршната изложба на студентите во 5 полни хали дизајн и уметнички дела и повеќе од 1000 посетители во една вечер!
ОКТОМВРИ
НОВА АКАДЕМСКА ГОДИНА
Стремежот за нови едукативни методи е постојан предизвик. Првиот учебен ден е од огромна важност за припадноста и комотноста на студентите. Оваа година започнавме преку неформална средба со цел студентите да се запознаат меѓу себе, но и со менторите, програмaта и распоредот за семестарот. Всушност, тоа беше журка каде што сите заедно цртаа и сликаа на огромни платна, пиеа шампањ и грицкаа шарени колачиња. На вториот час веќе сите се познававме 🙂
ТИМОТ ПОВТОРНО РАСТЕ
Новите предизвици побараа и нови членови во тимот. Виктор е нашиот нов дизајнер во куќата, додека Владанка е директор на студио! 🙂
НОЕМВРИ
МОДЕН ВИКЕНД СКОПЈЕ
“Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, први на третиот ден од Моден викенд-Скопје докажаа студентите од Академијата за моден дизајн во склоп на „Џолев и уметностите”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.” – Така пишуваа медиумите за нашите студенти, на јубилејниот 20-ти Моден викенд-Скопје.
ДОДЕЛУВАЊЕ ДИПЛОМИ
Журка! Свечено доделување на дипломи на студентите од генерација 2018/19. Покрај дипломите и уверенијата, традиционално доделивме и 3 пофалници, и тоа за, студент со најголем развој, најперспективен студент на генерација и најрподуктивен студент на генерација. Уху! 🙂
ДЕКЕМВРИ
ХУМАНИТАРНА ИЗЛОЖБА
Додека се збогувавме со старите студенти, новите по само еден месец создадоа толку многу дела што инспирираа идеја за изложба. На тоа се додаде идејата тоа да биде од хуман карактер. Замислете! На изложбата се продадоа 39 дела и успеавме да собереме донација што ќе ги нахрани еден месец сите крзнени пријателчиња во Амос Шелтер – засолниште и здружение за заштита на животните.
KIDS AND THE ARTS
Продолживме да образуваме и помеѓу најмладите! Затоа што уметноста е духовна храна којашто е задолжителна на детското мени за негување и развој на интелектуалниот и креативен капацитет. Во нашиот тим се приклучи Ангела како координатор на детските секции. Овие млади креативци во моментов подготвуваат театарска претстава и сликарска изложба, а ние им подготвуваме пакетчиња – ве молам не кажувајте им, треба да биде изненадување!
2020 🖤