Запознајте ги менторите на Академијата за моден дизајн
Запознајте ги менторите на Академијата за моден дизајн | SKALA - Џолев и уметностите

Запознајте ги нашите ментори на Академијата за моден дизајн!

1305 Comments off Професори, Студенти

Нивната работа се гледа и носи. Нивниот труд е секогаш различно „скроен“. Секој од нив има различен, единствен пристап во предавањата, но и работата надвор од Академијата. Ви ги претставуваме нашите ментори од Академијата по моден дизајн.


Ви ги претставуваме нашите ментори на Академијата за моден дизајн.

Проф. Александар Ношпал


Александар Ношпал е познат домашен моден дизајнер, кој ги облекува и нашите поп ѕвезди. Како магистер со дипломи од Париз и Лондон, тој е самостоен моден дизајнер кој создава модели со еклектичен израз. Освен соработката со многу познати модни куќи како што се „Тетекс“, „Систина“ „Кара“, Ношпал е и плоден костимограф со преку 70 театарски костимографии за оперски и театарски куќи во земјата и светот.

Беше костимограф на претставата „Силенциум“ во најпознатиот светски театар „Бољшој“, која во 2020 беше најавена како првата пост-ковид балетска продукција во светот.

Секогаш посветен на прецизна, висока мода и посегање по високи стандарди кога станува збор за краен производ. Како вечен вљубеник во костимографијата, тој е и креатор на неколку дизајни за балетски престави, како што е познатата и реобновена „Жизел“ што играше во 2021 година. Оваа година е ангажиран во престижната оперска куќа „Гарние“ во Париз. Тековно работи на големи проекти во Узбекистан, Олденбург и неколку проекти во матичната земја.


Проф. Никола Булески Буле


Никола Булески Буле е дипломиран моден дизајнер во областа на pattern-making и продукција на облека во Милано, Италија. Лансирал колекции на модниот пазар во Скопје, но и на фестивали во Латвија, Италија, Романија. Го започнува својот дизајнерски бренд COLLECTION и моден бренд MATTIS, прв во Македонија. Освен искуството како дизајнер, тој е и професор по дизајн на Катедрата по арт и дизајн на две академии, дома и во странство. Активен е со неговиот бренд „Никола Булески Буле“.

Она што е негова специјалност е софтверска 3Д изработка на шаблони при конструкција на моделите, со што се намалуваат трошоците и се прави помалку отпад. Тој годинава беше дел од овие обуки и доби сертификат токму во оваа област, активно придонесувајќи во дигитализација на текстилната индустрија.

Освен што работи на дизајн на облека, тој е и специјалист по конструкција на облека во модниот бренд „Bella“ во Македонија.


Ирина Тошева

Ирина Тошева академија за моден дизајн СКАЛА


Ирина Тошева е модна дизајнерка која со своето знаење и работна посветеност прави спој на неколку различни сегменти – модата, економијата и екологијата. Таа е креативен активист, а нејзините почетоци се со „самостојно правење торбичка од стари фармерки“. Студирала на Академија Италијана, а магистрирала во Фиренца.

Веќе 10 години има свој успешен бренд „Ирина Тошева“, со кој создаде 15 модни колекции, претставени дома и во европски земји. Освен како моден дизајнер, таа е еко активист и активна во делот на костимографија. Воедно е ментор и предавач во неформални образовни школи.

Доби награда за Млади лидери за цели за одржлив развој во 2019 година и беше победничка на натпреварот „Зелени идеи“ во 2021. Последен проект кој ја заокружи деценијата на нејзината работа беше колекцијата OYA и филмот „Латици“, инспириран од јуручките носии.


Александра Јовановска

Александра Јовановска е магистер во областа на модниот дизајн, со професионален почеток на својата кариера како CAD оператор во Macedonian Garment Industry во 2011 година. Продолжува да работи како моден дизајнер, паралелно и како главен моден илустратор и асистент на модниот дизајнер Никола Ефтимов во Скопје. 
Во 2018 почнува со доцентската работа на Европскиот универзитет, а потоа е и дел од неформалната образовна Академија на „Скала“ Школата за дизајн, уметност и технологии. 

Нејзина страст се темите за одржлива мода и рециклирање, како и социјалните и политички аспекти кога станува збор за облекувањето. Ги следи актуелностите и примената на модерната модна илустрација, како и реупотреба на неупотребливи предмети и облека од тексас.

Досега има реализирано голем број самостојни и групни модни ревии дома, но и во Србија, Италија. Работела на истражувачки проекти од областа на културата, уметноста и дизајнот, објавувајќи и свои научни трудови.


Елена Вангеловска

Елена Вангеловска е моден дизајнер и костимограф, со магистратура во Софија, Бугарија. Реализирала повеќе самостојни и групни изложби, модни ревии, театарски и филмски реализации во земјава и во странство. Таа е автор на многу уметнички проекти наградувани во сферата на културата, но и модниот дизајн. Остварила бројни студиски патувања и учества на конференции и симпозиуми низ цела Европа и светот.

Своите познавања од областа на дизајнот ги споделува на учениците во Скопје, работејќи како доцент и вонреден професор по предметот Арт и дизајн.

Како магистер по костимографија, работела на безбројни проекти на театар, меѓу кои на домашните театри, но и во Германија и Бугарија. Учествувала на многу интернационални филмски фестивали во Франција, Германија САД, но и за домашните – Синедејс, Џифони и многу други. Нејзина е костимографијата за „Оркестар Титаник“, познатата претстава во изведба на Турскиот театар во Скопје.


______


Упатуваме и поздрав до останатите ментори без кои не би била комплетна оваа листа! Тука се Проф. Небојша Вилиќ, Проф. Гордана Вренцоска, Крсто Златков, и Дејан Џолев.

Ние сме единствена Академија која им овозможува на студентите: комплетно опремено модно атеље за конструкција на облека и кроење и шиење, лабораторија со таблети за цртање модна илустрација и печатење на 3Д принтери, современо фото и видео студио за модна промоција, цртачко и сликарско атеље и материјали за работа;




Уписите за најдобрата Академија за моден дизајн се во тек! Информирајте сѐ повеќе за програмата, менторите и начинот на одржување: тука.