Импресии: 2022 // SKALA School
2022… и неа ја испраќаме. Малку емотивно, многу издржано. Па, се случија навистина еден куп работи!
Издвојуваме само дел од сите значајни импресии и спомени, благодарни и горди за секој изминат ден помеѓу студентите, колегите и соработниците.
ЈАНУАРИ
НОВИ ПОЧЕТОЦИ ВО НОВИ ПРОСТОРИ(И)
Уште една нова шарена врата „Глас на новата сцена“ и преселба во новите канцеларии во срцето на Дебар Маало и вкупна квадратура од 350 м2. Издвојуваме и се потсетуваме на неколку приватни мигови ♡.
ФЕВРУАРИ
„ЕКСКУРЗИЈА“ ВО БУДИМПЕШТА
По покана на European Lab, бевме учесници на панел-дискусијата „Формата на медиумите за идните генерации“, средба којашто се реализираше во Будимпешта, Унгарија, по којашто станавме 56-та членка на глобалната мрежа за млади и култура „Арти-фарти“ од Лион, Франција.
МАРТ
БУДЕЊЕ
Нова сезона обуки и повеќе од 100 ученици во „Скала“ – Школата за дизајн, уметност и технологија. Нов подкаст „Парк шема“ на студентската платформа „Скала магазин“. Нова Скала изложба, нови пријателства, нови насмевки… Пролетта започна, вистинско будење!
АПРИЛ
ШЕСТТА АКАДЕМИЈА ЗА ДИЗАЈН
Нова Академија! Се роди првата генерација студенти на Академијата за UX/UI+ дизајн, кои веќе се пред прагот на влезот во оваа супер растечка индустрија.
МАЈ
10 ГОДИНИ ШКОЛА ЗА ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ
На најголемиот Скалаџиски празник, „Добро утро креативци“ – Саемот за размена на креативни искуства и размисли, по повод 10 години од одржувањето на првиот час, Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, се ребрендираше во „Скала“ – Школа за дизајн, уметност и технологија.
ЈУНИ
ДОБРЕДОЈДЕ АНА
3 години Скала магазин и прекрасен реденденски подарок! Една Ана. Голејшка ем Џикова. Редовен пишувач, смислувач на содржина, носител на хедонистичка споменица и песни, се приклучи кон креативниот тим на позиција како што таа милува да каже „раководителка на пишувачки оддел“.
ЈУЛИ
СТУДЕНТИТЕ НА СЦЕНА
Повеќе од 70 студенти од академиите за дизајн [графички, моден, ентериер дизајн и визуелни уметности] јавно се претставија преку своите портфолија, пред главните менаџери на најзначајните компании од креативните индустрии. Од таа средба, произлегоа нови вработувања и пракси за нашите студенти.
АВГУСТ
ЛАДНИ ПРАСКИ
Некаде по мориња, океани,
на сите четири страни,
со сурферски даски
и ладни праски.
СЕПТЕМВРИ
„ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ“
Септември во нашата школа е времето за анализа, но и стратешко планирање. Се разбира и за споделување на спомени од изминатите месеци. Па во тој дух, ќе спомнеме дека меѓу сѐ останато, нашата Школа во соработка со студентската платформа, изминатите 8 месеци организиравме 8 изложби за дизајн и визуелни уметности. Учествувавме на Моден викенд Скопје. Направивме филмски премиери… Но најважно, нѐ радуваа сите убави вести за успесите и развојот на нашите студенти.
ОКТОМВРИ
КАДЕ УЧИШ ДИЗАЈН?
Се случи најголемата студентска изложба за дизајн! Публиката имаше можност да погледне повеќе од 500 дела на повеќе од 70 студенти: графички дизајн решенија, фотографии, илустрации, филмови, дизајн на мебел, проекти за ентериерно уредување, модни креации и модни илустрации, како и работни процеси, технички цртежи, скици и сл. А традиционално беа прогласени и најуспешните студенти на генерацијата.
НОЕМВРИ
ЈАС УЧАМ ВО СКАЛА!
Повеќе од 200 студенти жедни за нови искуства и професионален развој, станаа дел од учебната 2022/23 година, на академиите и обуките за дизајн, уметност и технологија.
P.S. О да! Учествувавме и на „Скопје Моден Фестивал“.
ДЕКЕМВРИ
ОДГОВОРНО КОН ЗАЕДНИЦАТА
Нашата студентска платформа „Скала магазин“ на сите жедни за образование, култура, дизајн и уметност, им го подари вториот печатен број на „Скала магазин“ – задолжителна дизајн-лектира, огромен формат, 136 страни на неколку типа високо квалитетна хартија и печат. [можеш да си купиш тука]
Viva la Skala! Се гледаме во 2023-та, живи и здрави!