Импресии: 2022 // Skala School
скала џолев академија за графички дизајн ентериер моден визуелни уметности веб дизајн

Импресии: 2022 // SKALA School

1923 Comments off Инфо

2022… и неа ја испраќаме. Малку емотивно, многу издржано. Па, се случија навистина еден куп работи!

Издвојуваме само дел од сите значајни импресии и спомени, благодарни и горди за секој изминат ден помеѓу студентите, колегите и соработниците.

ЈАНУАРИ

НОВИ ПОЧЕТОЦИ ВО НОВИ ПРОСТОРИ(И)

Уште една нова шарена врата „Глас на новата сцена“ и преселба  во новите канцеларии во срцето на Дебар Маало и вкупна квадратура од 350 м2. Издвојуваме и се потсетуваме на неколку приватни мигови ♡.


ФЕВРУАРИ

„ЕКСКУРЗИЈА“ ВО БУДИМПЕШТА

По покана на European Lab, бевме учесници на панел-дискусијата „Формата на медиумите за идните генерации“, средба којашто се реализираше во Будимпешта, Унгарија, по којашто станавме 56-та членка на глобалната мрежа за млади и култура „Арти-фарти“ од Лион, Франција. 


МАРТ

БУДЕЊЕ

Нова сезона обуки и повеќе од 100 ученици во „Скала“ – Школата за дизајн, уметност и технологија. Нов подкаст „Парк шема“ на студентската платформа „Скала магазин“. Нова Скала изложба, нови пријателства, нови насмевки… Пролетта започна, вистинско будење!

Момците од „Парк шема“, Перо и Андреј.



АПРИЛ

ШЕСТТА АКАДЕМИЈА ЗА ДИЗАЈН

Нова Академија! Се роди првата генерација студенти на Академијата за UX/UI+ дизајн, кои веќе се пред прагот на влезот во оваа супер растечка индустрија. 


МАЈ

10 ГОДИНИ ШКОЛА ЗА ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ

На најголемиот Скалаџиски празник, „Добро утро креативци“ – Саемот за размена на креативни искуства и размисли, по повод 10 години од одржувањето на првиот час, Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, се ребрендираше во „Скала“ – Школа за дизајн, уметност и технологија. 


ЈУНИ

ДОБРЕДОЈДЕ АНА

3 години Скала магазин и прекрасен реденденски подарок! Една Ана. Голејшка ем Џикова. Редовен пишувач, смислувач на содржина, носител на хедонистичка споменица и песни, се приклучи кон креативниот тим на позиција како што таа милува да каже „раководителка на пишувачки оддел“. 


ЈУЛИ

СТУДЕНТИТЕ НА СЦЕНА

Повеќе од 70 студенти од академиите за дизајн [графички, моден, ентериер дизајн и визуелни уметности] јавно се претставија преку своите портфолија, пред главните менаџери на најзначајните компании од креативните индустрии. Од таа средба, произлегоа нови вработувања и пракси за нашите студенти. 


АВГУСТ

ЛАДНИ ПРАСКИ

Некаде по мориња, океани,
на сите четири страни,
со сурферски даски
и ладни праски. 


СЕПТЕМВРИ

„ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ“

Септември во нашата школа е времето за анализа, но и стратешко планирање. Се разбира и за споделување на спомени од изминатите месеци. Па во тој дух, ќе спомнеме дека меѓу сѐ останато, нашата Школа во соработка со студентската платформа, изминатите 8 месеци организиравме 8 изложби за дизајн и визуелни уметности. Учествувавме на Моден викенд Скопје. Направивме филмски премиери… Но најважно, нѐ радуваа сите убави вести за успесите и развојот на нашите студенти. 


ОКТОМВРИ

КАДЕ УЧИШ ДИЗАЈН?

Се случи најголемата студентска изложба за дизајн! Публиката имаше можност да погледне повеќе од 500 дела на повеќе од 70 студенти: графички дизајн решенија, фотографии, илустрации, филмови, дизајн на мебел, проекти за ентериерно уредување, модни креации и модни илустрации, како и работни процеси, технички цртежи, скици и сл. А традиционално беа прогласени и најуспешните студенти на генерацијата. 


НОЕМВРИ

ЈАС УЧАМ ВО СКАЛА!

Повеќе од 200 студенти жедни за нови искуства и професионален развој, станаа дел од учебната 2022/23 година, на академиите и обуките за дизајн, уметност и технологија. 

P.S. О да! Учествувавме и на „Скопје Моден Фестивал“.


ДЕКЕМВРИ

ОДГОВОРНО КОН ЗАЕДНИЦАТА

Нашата студентска платформа „Скала магазин“ на сите жедни за образование, култура, дизајн и уметност, им го подари вториот печатен број на „Скала магазин“ – задолжителна дизајн-лектира, огромен формат, 136 страни на неколку типа високо квалитетна хартија и печат. [можеш да си купиш тука]


Viva la Skala! Се гледаме во 2023-та, живи и здрави!

____

Разгледај +20 обуки [тука]
Разгледај 6 Академии за дизајн [тука]