Денес ни е роденден, славиме 11 години СКАЛА!
Денес ни е роденден, славиме 11 години СКАЛА!

Денес ни е роденден. Продолжуваме да подаруваме.

455 Comments off Инфо

Школата за дизајн „Скала“ наполни 11 години од првиот оддржан час. 

Ве каниме на 11 пишувачки парчиња стилизиран и илустриран текст на тема „Скала роденден“.  Ќе забележите различни формати, различни вкусови, AI илустрации (text to image) и живи пишувачки елементи. Нека биде радост, нека биде дизајн што зборува овој ден!


Стилска вежба број 1: Прес-копи


Изминатите 11 години, Школата за дизајн „Скала“ се разви во водечка институција за едукација во областа на дизајнот. Со повеќе од 3500 обучени и дипломирани креативци, нашата школа има огромно влијание во креативната заедница и локалните компании од креативните индустрии.

„Скала“ успеа да развие 7 академски програми за дизајн и технологии, преку кои нашите студенти се обезбедуваат со неопходните знаења и вештини за успешна кариера во својата област. Освен тоа, Школата спроведе и преку 50 различни типови на обуки, курсеви и работилници за возрасни и деца во областа на уметностите, дизајнот и технологиите, со што го поддржува развојот на креативноста и кај пошироката јавност.

Нашиот пристап и методи на учење вклучува менторство од долгогодишни професионалци од креативните индустрии и професори од локалните универзитети. Споделувањето на знаење и искуства со нашите студенти е еден од најважните фактори за нивниот успех.

Покрај тоа, „Скала“ има и социјално ангажиран аспект, со преку 100 иницијативи, активности, семинари, јавни предавања, изложби, проекции, саеми, настани од хуманитерен карактер и друг тип на организирани настани, подарок за нашата заедница и општество.

Денес ни е роденден, продолжуваме да подаруваме!


Стилска вежба број 2: Ода



Ooo една Школа

И една водечка мисла

И институција

Преку 3500 креативци

Ги дипломира и поттикнува

И не само нив

И целата креативна индустрија

Заедно со нив, се развива

Со седум академски програми

Скала кон небеса се развива

Студенти – вешти и оснажени

За кариера ги подготвува.

Обуки, наредени, курсеви сезонски

Работилници за деца и возрасни

Уметност, дизајн и технологии:

Сѐ се остварува во сите области!


Пристапот е важен

И менторство од професионалци

Споделуваме знаења и искуства

За студентите да се зналци

И не само така,

И не само оваа ода мала

Преку 100 иницијативи, активности, семинари

Јавни предавања, изложби, проекции… организираше „Скала“.

И не само така,

И не само оваа зборовна моќ

Денес на „Скала“ ѝ е роденден,

Таа е вистински подарок.


Стилска вежба број 3: Неочекувано



А: Еј, Скала ли?

Б: Да, да. Па, 11 години слават.  А бе роденден им е.

А: Навистина?

Б: Да, да… слават многу убав повод, 11 години се водечка институција за едукација во областа на дизајнот!

А: Ејаа! Да? Не сум знаел. Ама знам дека има обуки, курсеви, академии…

Б: Да, да… ете тоа, гледаш, си го дознал. А знаеш ли дека има преку 3500 дипломирани креативци кои сега се вклучени во различни креативни индустрии?

А: Навистина? Wow.

Б: Mхм. И не само тоа. Развиваа и 7 програми за дизајн и технологии, реткост во нашево поднебје. Имаа и обуки и курсеви за деца! Kids, знаеш, како песнана на MGMT.

А: Не сум ја чул, ама добро… Баш јако!

Б: И те како! Па и менторите им се ептен профи. Креативци од различни индустрии и универзитети.

А: Види види… Баш не очекував ваков развој на настаните!

Б: Е кога сме кај настани, знаеш ли и дека „Скала“ организира настани? Иницијативи, предавања, што сѐ не… Социјално се ангажирани ептен! И саеми и изложби, главната дејност. Изложби на млади уметници.

А: Како мене? Така?

Б: Како тебе, да. Ти си подарок за нив, а тие за тебе. Оди сега на часови, те запишав.

А: Wow. E ова баш не го очекував.


Стилска вежба број 4: Гастрономски



Школката со лимон… Овај, Школата за дизајн „Скала“ е водечка институција за едукација во областа на дизајнот како торта со 11 вкусови. Обучува преку 3500 гладни дипломирани креативци, гладни за знаење, за чоколада и сонце. Секако, нашата школа има огромно путер-влијание во креативната заедница и локалните ванила-компании од креативните индустрии.

„Скала“ развива седум кифлести академски програми за дизајн и технологии со сусам, а нашите студенти се нахранети со неопходните знаења и вештини од својата област. Освен овие седум солени кифлички, постојат и преку 50 видови пралине-обуки, курсеви и работилници за деца и возрасни. Поддршката во развојот на шеќерната креативност и пошироката јавност се важен сегмент којшто најчесто се конзумира топол, со вкус на лешник, бела чоколада и јагода.

Пристапот и методите на учење вклучуваат ментол-бонбони и менторски професионални портрети, обложени со златна чоколада, по потекло од креативните индустрии и професори од локалните универзитети, полни какао. Споделувањето медено знаење и искуства од авокадо- тост со нашите студенти е еден од најважните фактори за нивниот успех.

Покрај тоа, „Скала“ е социјално ангажирана од аспект на месење активности во коишто создава благи иницијативи, јавни предавања на зборообразни шеќерни волни, изложби на слатка уметност, саеми и настани на коишто се пие вино и шампањ.

Вистински подарок, послужен на сјајна чинија за нашата заедница и општество.


Стилска вежба број 5: Расказ



Си беше еднаш преку седум мориња, седум реки и седум дискотеки, една Школа за дизајн „Скала“, којашто била главна во едукацијата и областите како дизајн и уметности. Во неа, доаѓале и се дружеле и учеле безмерно многу студенти, млади и не толку млади ментори, пријатели соработници од цела околија… Едно чудо креативци, а од нив 3500 кои добиле диплома за успешно завршена Академија со сите почести.

Во тоа време, „Скала“ развивала седум академски програми, а на студентите им се давала неопходната умствена моќ и вештина преку тие програми. И не само програмите, таму имало и преку 50 различни типови на обуки, курсеви и работилници за креативност низ годините, еден гооолем и развиен сет од вредности коишто во таа заедница биле многу битни да ги имаш.

Е сега, не само што владеело убавото и дизајнот, таму важни биле и многуте ментори, сите со професионална заднина и професорска сила, храбри витези во школскиот систем каде што со студентите имале прекрасна взаемна соработка.

И така, „Скала“ станала и една од ретките места зад седумте ридови и реки каде што се случувале и социјално важни ангажмани: не само иницијативи, имало јавни предавања среде шумата, изложби низ целиот пејсаж, работилници, саеми и настани на коишто студентите се вмрежувале и се дружеле.


Навистина, „Скала“ била одличен пример за тоа како се создава приказна којашто може да се раскаже.


Стилска вежба број 6: Логичка анализа



Година на раѓање: 2012.

Роденден: 11-ти.

Дејност: Школа за дизајн и уметност.

Над 3500 обучени креативци.

Влијание во креативната заедница.

7 академски програми за дизајн и технологии.

Спроведени 50 типови на обуки.

50 курсеви.

20 работилници.

Возрасни.

Деца.

Ангажираност.

100 иницијативи.

30 изложби.

60 проекции на филмови.

3 саеми.

Илјадници другарства.

Роденден.

Денес.

Продолжуваме да подаруваме.


Стилска вежба број 7: Тогаш


Тогаш, Школата за дизајн „Скала“ се отвори и по 11 години стана водечка институција за едукација во областа на дизајнот. Тогаш, обучи преку 3500 креативци, а не само што тогаш имаше влијание како и сега, креативната заедница и локалните компании тогаш ја препознаа како главна движечка сила за младите креативци.

Тогаш „Скала“ развива 7 академски програми за дизајн и технологии, а нашите студенти се обезбедени со неопходни знаења и вештини во својата област. А и не само тоа тогаш, „Скала“ спроведуваше и преку 50 различни типови на обуки, курсеви и работилници за деца и возрасни низ годините, со што тогаш станува поддршка во развојот на креативноста и кај пошироката јавност.

Нашиот пристап и методи на учење тогаш вклучуваат менторство од долгогодишни професионалци од креативните индустрии и тогашните професори од локалните универзитети. Споделувањето на знаење и искуства со нашите студенти тогаш е еден од најважните фактори за нивниот успех.

Покрај тоа, „Скала“ е социјално ангажирана од тогашен аспект на активностите во коишто создава иницијативи, јавни предавања, изложби, работилници, саеми, настани.

Тогаш таа е подарок за нашата заедница и општество.


Стилска вежба број 8: Театар


Чин прв

Сцена 1:

11 луѓе стојат во еден ред и гласно извикуваат:

„Денес ни е роденден, денес ни е роденден!“

Сцена 2:

Една Скала се шири и тегне и почнува да раскажува:

„Веќе 11 години растам и еве ме. Преку 3500 креативци се дел од мојот свет. И не само тоа – тие се вклучени и во креативната заедница околу мене!“

(11-те луѓе ракоплескаат)

Чин 2:

Сцена 1:

Скалата седнува на режисерското столче и прашува еден студент кој поминува крај неа:

„На која Академија си ти, момче?“

Момчето, гласно: „На Скала -академијата за дизајн“

Скалата станува од столчето и вели:

„Ехеее, не е само за дизајн, нели? И не е само Академија, има и обуки и курсеви и работилници за деца… И што сѐ не!“

(11-те луѓе почнуваат да џагорат)

Чин трети:

Сцена 1:

Скалата застанува среде сцената и отвора онаков долг лист „Чујте и почујте“:

„Нашиот пристап и методи на учење вклучува менторство од долгогодишни професионалци… Еј чекај! Дојдете ментори!“

(ги повикува на сцена менторите да се поклонат).

(менторите излегуваат од публиката и се поклонуваат).

Сцена 2:

(11-те луѓе седнати на маса се довикуваат, еден зборува, друг мести платно, трет стои на табла и нешто запишува, некои се ракуваат, местат микрофони, фотографираат, чукаат со чекан-шајки во воздух)

Скалата седи на режисерското столче и ги гледа. (Станува и аплаудира.)

11-те луѓе:

„Денес ни е роденден“ -извикуваат сите во еден глас.

(се поклонуваат).


Стилска вежба број 9: Лежерно



Школата за дизајн „Скала“ навистина ја бидува како институција во областа на дизајнот. Преку 3500 креативни дечки дипломираа на Школата во овие 11 години, а не само што ги обезбеди нив со знаење, си „гази“ и во креативната заедница, a локалните компании секогаш им се тука за поддршка.

„Скала“ развива и 7 ептен добри академски програми за дизајн и технологии и ретко интересни обуки, курсеви и работилници и за млади и не така млади студенти. На пример, преку 50 различни обуки значат дека пошироката јавност и луѓе кои сакаат да се вклучат во некое хоби или интерес од нивен тип – имаат шанса баш преку „Скала“. Што е топ!

Освен што се одлични во преносот на знаење и методи на учење, имаат и профи ментори. Менторите им се сериозни професионалци во својата област, а докажани се и во креативната индустрија и во локалните универзитети. Со нив, студентите си имаат неформален, а природен однос и најважното: споделеното знаење што е најважен фактор, фактор број 1 за нивниот успех!

Да не заборавиме дека „Скала“ и социјално е засегната од аспект на активности во коишто прави „све и свашта“ за да биде дел од поголемата слика, се залага за отвореност, креира платформи, изложби еден куп, работилници, саеми, настани… Поклон до земја, поклон за сите нас!


Стилска вежба број 10: За допир



Цврстата Школа за дизајн „Скала“ е водечка институција за нежна едукација во областа на строгиот дизајн. Обучува преку свиленкаст начин преку 3500 дипломирани креативци, а истовремено пулсира во креативната заедница и локалните компании коишто се во допир со неа.

Ако ја развиеме во 7 академски програми, тешки за држење, но едноставни за носење дизајн и технологии, ќе дознаеме дека студентите се обезбедуваат со крупни и силни вештини од својата област. Но и не само тоа. „Скала“ спроведува течно знаење преку 50 различни типови на обуки, курсеви и работилници за деца и возрасни низ годините, со што прави железна поддршка во развојот на мрежата од креативност и знаење и кај пошироката јавност.

Цврстиот пристап и методи на учење вклучува и кадифено менторство од долгогодишни професионалци од креативните индустрии и професори од локалните универзитети. Споделувањето на топло знаење и искуства со нашите студенти е еден од најважните фактори за нивниот успех.

Покрај тоа, „Скала“ е социјално ангажирана од аспект на ладните активности во коишто создава топли иницијативи, јавни предавања, мокри изложби, испарувачки работилници, крупни саеми и настани. Подарок е за нашата заедница и општество.


Стилска вежба број 11: Мене ми…



Мене ми е Школата за дизајн „Скала“ водечка институција за едукација во областа на дизајнот. Мене ми обучува преку 3500 дипломирани креативци, а секако мене ми има влијание и во креативните заедници и локалните компании од креативните индустрии.

Мене „Скала“ ми развива 7 академски програми за дизајн и технологии, а мене и на нашите студенти им се обезбедени неопходни знаења и вештини во својата област. А и не само тоа,  мене ми спроведува и преку 50 различни типови на обуки, курсеви и работилници за деца и возрасни низ годините, со што е поддршка во развојот на креативноста и кај пошироката јавност. И мене ми прави да ми е убаво.

Мене ми е важно што нашиот пристап и методи на учење вклучуваат менторство од долгогодишни професионалци од креативните индустрии и професори од локалните универзитети. Споделувањето на знаење и искуства со нашите студенти е еден од најважните фактори за нивниот успех. Мене ми се чини дека тоа е прекрасна можност.

Мене ми е „Скала“ една од ретките којашто е социјално ангажирана од аспект на активностите во коишто создава иницијативи, јавни предавања, изложби, работилници, саеми, настани.

Мене ми е подарок за нашата заедница и општество.

Како ги славевме изминатите години…

Денес ни е роденден. Продолжуваме да подаруваме. 

🎁