Eдногодишна практична Академија за Моден дизајн » SKALA School

Eдногодишна практична Академија за Моден дизајн

1270 Comments off кариера

Новата академска година започнува на 21 Октомври. Програмата Академија за моден дизајн се реализира во 2+1 семестри, додека одржувањето е 4 дена во неделата во нетрадиционални и флексибилни едукативни методи на настава која вклучува пред сè практична активност во комплетно опремено модно студио и атеље.

Студентите имаат можност да учат од најдобрите и најискусните ментори на нашата модна сцена! Тоа се луѓето кои ги поставиле темелите на модниот дизајн на овие простори. Луѓе кои денес поставуваат нови тенденции, со големо меѓународно, менторско и дизајнерско искуство. Никола Ефтимов, Никола Булески, Александра Јовановска, Ирина Тошева се само дел од менторскиот тим на академијата.

Дел од студентите и менторите на Моден Викенд Скопје 2018

За кого е наменета оваа академија?

Никола Ефтимов: Многу често на ваков тип настава доаѓаат ентузијасти кои навистина ја сакаат модата, а поради многу причини не биле, барем во одреден временски период, во можност да посетуваат редовна настава по моден дизајн. Таквите луѓе со голема љубов се посветуваат на процесот на учење, па секогаш има позитивни резултати.

Модниот дизајн започнува со Никола Ефтимов

Професионалната едукација и усовршување се доживотни процеси. После двата семестри настава и еден професионална практика, студентите ќе ја имаат добрата основа за почеток, без разлика дали ќе продолжат со студии на други институции, или ќе го изберат патот на понатамошно учење преку работа и стекнување искуство. Можеби би требал да напоменам дека овој тип на модна едукација е интересен не само за аспирантите кон модниот дизајн, туку и за некои други професии кои се упатени на модата, како модните новинари, стилистите итн.“

Никола Булески: Мојот ангажман во образовните институции каде сум работел е секогаш ист. Предавам Конструкција на облека и Техники на шиење. Моделирањето е моја специјалност. Работам според методологијата што ја научив во „Марангони“ која се темели на рамно моделирање по принципот Made in Italy. Секако низ предавањата користам и техники кои се дел од методологијата на ЕСМОД. Добар дизајнер треба да е и добар моделар. И несомнено најдобрите дизајнери во светот се врвни мајстори во конструирањето.“

Студентите во полна концетрација со Менторот од предметот “Конструкција на облека со техники на кроење и шиење” – Никола Булески – Буле

За наставната програма…

Никола Ефтимов: „Вовед во модната колекција, историја на модата и модна колекција се предметите што ми ги доверија. Среќен сум со изборот, затоа што ова се предмети што ги имам предавано и на високообразовните институции. Без разлика на временскиот и организациски формат на наставата, начинот на предавање е базиран на искуствата од специјализираните училишта од овој тип во светот, па тоа би значело расветлување на сложениот моден систем, модните категории, воспоставувањето на релацијата меѓу производот и целната група, методологија на дизајнирање на колекција и нејзина професионална презентација итн.

Во однос на историјата на модата, го пренесувам моето знаење за историскиот развој на облеката и модните додатоци, во различни историски, социјални, културни и други контексти.“

Александра Јовановска: „Модната илустрација е визуелен медиум, односно алатка за изразување на дизајнерката идеја. Преку комуницирање со слободен, дигитален или технички цртеж авторот ја презентира модната колекција најчесто пред нејзина реализација.

Александра Јовановска со студентите на часот “Модна илустрација”

Во периодот на „златните“ години на модната илустрација, модните илустратори изработувале илустрации за едиторијали и рекламни материјали за актулени модни списанија (Vogue, Harper’s Bazar, The Queen, Femina, Journal des Dames et des Modes, Die Dame). Современите модни илустратори, покрај тоа што употребуваат комбинирани рачни и дигитални техники во презентирање на колекции пред нивна реализација, тие исто така илустрацијата ја употребуваат и во комбинација со модна фотографија за промоција на новосоздадената модна колекција.

За претставување на модните колекција, благодарение на новите методи кои ги применуваме на предметите модна илустрација и дигитална илустрација на оваа Академија за моден дизајн, студентите со континуирано вежбање и навремено исполнување на задачите, можат одлично да ги визуелизираат свежите дизајнерски идеи.“

За кариерата како моден дизајнер…

Ирина Тошева: „Водењето на успешен (моден) бренд е 90% бизнис одлуки и 10% дизајн/уметност. За време на модното образование скоро целото внимание е посветено на тие 10%. Но, што потоа?Програмата на предметот „Бренд менаџмент“ ги опфаќа сите точки кои се од фундаментално значење за правење на вистинските чекори при стартување на бизнисот. Сите оние работи кои ќе им помогнат на студентите полесно да разберат како да ги постават „столбовите“ на својот бренд.

Посветено е големо внимание на вежбање и усовршување на продажните вештини, истражување на пазарот каде точно е позициониран брендот, како луѓето го прифаќаат и како јавноста очекува да им биде презентиран. Се следат светски и домашни примери, гостуваат локални блогери и дизајнери кои ги споделуваат своите искуства и приказни. Часовите се под­готовка за презентациите на крајот од студиите, со кои студентите можат полесно да стигнат до посакуваните пракси.“

Презентација на студентката Ангела Доневска

На последниот час од вторниот семестар, студентите на нашата Академија за моден дизајн јавно се претставуваат пред компании од модната индустрија, модни студија и медиуми. Веднаш по нивното излагање, компаниите одлучуваат кој од студентите каде да посетува едномесечна работна (платена) пракса, со можност за вработување. Минатата година имавме супер успешни приказни, каде наши студенти се веќе дел од професионални тимови! Дополнително студентите се претставија и на модна ревија во рамките на програмата на Модниот викенд- Скопје.

Пријавувањето е во тек! Провери ја целата програма: Академија за моден дизајн.