Топ 3 за месец јануари

Топ 3 за месец јануари

1247 Comments off Инфо, Студенти

Најозборуваните дела од студентите на Академијата за визуелни уметности.

Изборот на 3 најозборувани дела за месецот е навистина предизвик! Не затоа што премногу озборуваме, туку затоа што студентите се исклучително креативни и продуктивни. Можеби во иднина оваа рубрика ќе ја поделиме во повеќе категории за да ви ја доближиме активноста на студентите, но секако ова е само мал сегмент од она што нè очекува во септември, кога студентите традиционално во 5 хали ќе ги изложат своите најдобрите дела. Изминатите години, оваа дизајнерска изложба е најмасовната во градот од аспект на дела и посетеност. 

Драг месец јануари, ти благодариме!

Диме Данов 

Овој јануари, покрај тоа што ги озборуваме делата на студентите, случајно на тапет ни се и големите современи и историски артисти. Диме Данов работеше на репродукција на култно сликарско дело од големиот австриски сликар Егон Шиле. „Девојка со жолта марама“ е типично дело за авторот изработено во акварелна техника (и молив), женско голо тело во контрагирана седечка позиција, која истовремено сугерира извесно движење. Диме како автор на репродукција (рекреација) на ова дело беше свесен за многу повеќе технички и симболички аспекти на делото, за да може да премине кон предпродукција, продукција и постпродукција на сликата кон фотографија. 

Автор: Диме Данов
Проект: Репродукција [или реконтекстуализација] на култно сликарско дело
Автор на оригинално дело: Egon Schiele
Наслов на оригинално дело: Girl with yellow scarf
Медиум: Фотографија со дигитална манипулација
Предмет: Фотографија и постпродукција на фотографија
Ментор: Дејан Џолев

Во процесот на работа се обидував да го емулирам сликарскиот процес колку што можам, без притоа да ги изгубам фотографските одлики. Решението беше да се слика врз субјектот, па потоа тој слој боја да се вклопи со одреден layer mode. Најголемиот предизвик беше позирањето на моделот, тој ѝ дава предност на експресијата пред реалистичното отсликување и беше навистина тешко да ја најдеме точната позиција, но при позирање со моделот разбравме и што ни кажува Шиле за оваа девојка, за нејзината видлива болка, па се обидовме да го следиме тоа чувство. После оваа задача сум подготвен и за уште поголеми визуелни предизвици. 

Магдалена Филипова 

Магдалена Филипова vs Тим Бартон. Почетоците на овој голем филмски автор се токму во сферата на визуелните уметности. Тим во раните осумдесети работи како графички дизајнер, сториборд- артист, концептуален уметник, додека подоцна почнува да се плетка со анимација, каде што ја добива првата идеја за снимање на филм. Неговите филмови денес се пример за комплетно авторство на еден визуелен уметник. Тим е сценограф, карактер и продукт дизајнер, генерално сè што е визуелно и наративно во неговите дела. Затоа и целта на оваа академија е студентите да се подготват како мултидисциплинарни артисти и дизајнери, за потребите на нивните комерцијални проекти или авторски дела. Затоа што вештината е многу повеќе од алатки.

Автор: Магдалена Филипова
Наслов: Sometimes, the only way to catch an uncatchable woman is to offer her a wedding ring [цитат од филмот]
Медиум: Дизајн на филмски постер
Предмет: Дигитална илустрација [ADOBE Illustrator]
Ментор: Зоран Кардула

„Big Fish“ (Голема риба) не е мојот апсолутно омилен филм, но е во првите 5 омилени. Прекрасно дело на режисерот со огромна имагинација. Филмот е шарен и полн со детали, затоа се одлучив да експериментирам и да го илустрирам буквално насловот. Во врска со мојот стил би го цитирала мојот колега Бојан Матеjин – „Стилот сè уште ми варира на ниво на зададената задача“.

Никола Панов

Никола Панов е исклучително талентиран студент, со широк спектар на изразни визуелни вештини. Но, нешто што го одликува и што е за посебна пофалба е неговата конзистентност. Оваа фотографија преку реконтекстуализација на сликарското дело од белгискиот надреалист Рене Магрит, претставува автопортрет на Никола. 

Автор: Никола Панов
Проект: Репродукција [или реконтекстуализација] на култно сликарско дело
Автор на оригинално дело: Rene Magritte
Наслов на оригинално дело: Man in a Bowler Hat
Медиум: Фотографија со дигитална манипулација
Предмет: Фотографија и постпродукција на фотографија
Ментор: Дејан Џолев

Целиот процес на создавање беше одлично и забавно искуство. Од подготовка на потребни реквизити, скицирање, светлосни подготовки, фотографирање, па сè до постпродукција и монтажа на фотографија, колор корекција… Со инспиративна помош од мојот ментор Дејан Џолев целта на идејата беше исполнета. Задоволен сум од крајниот резултат и одвај чекам да продолжам со следниот предизвик!

ДАЛИ ГИ ПОГЛЕДНА: НАЈОЗБОРУВАНИТЕ ЗА МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ!?

КАЖИ ИМ НА ДРУГАРИТЕ И ДРУГАРКИТЕ!
УПИСИТЕ СЕ ВО ТЕК: АКАДЕМИЈА ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН.

АПЛИЦИРАЈ ЗА ЦЕЛОСНА СТИПЕНДИЈА!