Прогласени најдобрите студенти! »
академија за визуелни уметности

Прогласени најдобрите студенти!

1990 Comments off Инфо


„EGO DISCO“ [латински: ЈАС УЧАМ] претставува финална изложба на студентите од Академиите за графички дизајн, визуелни уметности, моден дизајн, ентериер и продукт дизајн при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите” во соработка со Институт за дизајн и технологија Скопје, генерација 2020/21.


„Денес, има три типа на студенти меѓу нас. Прво, студенти кои се разочарани од изложеното, студенти кои сметаат дека треба да се застапени повеќе во изложбената селекција. Втор тип на студенти се оние задоволните од себе и постигнатото, студенти кои гордо ќе ги шетаат пријателите низ просториите со вашите дела. И трет тип на студенти кои се рамнодушни на сето ова, студенти на кои им е сеедно што е изложено и колку се застапени во изложбената поставка. Овие последните, на кои им е сеедно, треба да се преиспитаат дали навистина припаѓаат тука и што навистина им значи дизајнот. Сите незадоволни студенти, вие колеги сте енергија со голем потенцијал, искористете го поривот, жарот и продрете на сцената, покажете дека можеби ние сме погрешиле за одредени проценки. А оние задоволните студенти, ве молам бидете внимателни, нашата индустрија се менува, од ден на ден. Вашето задоволство може да ве доведе до стагнација, никогаш немојте да дозволите да живеете на слава од вчерашниот ден, затоа што денес е ден со многу нови можности, останете будни, останете продуктивни и креативни. И за сите вас колеги, образованието се случува секој ден, засекогаш!“ 

 – секогаш критички расположен, Дејан Џолев (во улога на уметнички координатор на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“), им препорача на студентите по врачување на дипломите и признанијата, под модераторство на наставниот координатор Ангела Николовска.



Низ просториите на „Јавна соба“ беа испреплетени многу емоции: будна и дрска уметност, мирис на храна, свежо наточени пијалоци. Во воздухот како да се насетуваше силната амбиција за творештво и алтернативно приоѓање на секојдневието… и сите овие емоции – преточени во насмеаните лица на луѓето кои го исполнуваа просторот. Низ ходниците и просториите беше живо и полно луѓе – сѐ според здравствените протоколи, секако. Динамично. Лудо. Насмеано. Се чинеше како сите да беа дојдени да видат токму свеж дизајн, да видат нови и свежи идеи од млади дизајнери и уметници, да бидат дел од една магија на нов бран.

Сигурно се прашувате што ја направи атмосферата толку одлична и мислам дека не може, а да не се насети веќе; Во текот на целата вечер, имавме можност, во петте хали на „Јавна Соба“, да ѕирнеме што сѐ сработиле студентите во изминатава година. Изложени беа повеќе од петстотини дела, скици, прототипи, идејни решенија… на седумдесетина студенти од академиите за графички дизајн, визуелни уметности, моден дизајн, ентериер и продукт-дизајн при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите”, најобемните Академии за дизајн!



Ги разгледавме одличните модни креации на студентите од моден дизајн, под менторство на Никола Булески – Буле, Ирина Тошева, Александра Јовановска и Никола Ефтимов. 



Додека пак особено внимание привлекуваа и иновативните и детално изработени парчиња мебел, идејни концепти, скици и прототипи, при Академијата за ентериер и продукт-дизајн, под менторство на дизајнерите Апостол Тноковски, Илија Паунков и Никола Узуновски.



Како и секогаш, огромно внимание привлекуваа и визуелизациите на студентите од академиите за графички дизајн и визуелни уметности: од постери за филмови, до автопортрети во најразлични техники, фотографии, типографски календари, бренд-дизајни, логоа, сите илустрации од студенти за „Скала магазин“… огромен број на проекти и илустрации коишто студентите ги изработиле во текот на изминатава година. Овој тим на ментори е исклучително врвен: Петар Павлов, Дејан Џолев, Зоран Кардула, Влатко Ристов, Гордана Вренцоска, Небојша Вилиќ… 



На голема одговорност и задоволство, ги објавуваме најдобрите студенти за учебната 2020/21 год. на Академиите за дизајн. 


АКАДЕМИЈА ЗА ЕНТЕРИЕР И ПРОДУКТ ДИЗАЈН: 

Христина Пешевска – најдобар студент
Тијана Тошиќ – студент со најголем потенцијал
Јанаки Златев – студент со најголем потенцијал 


АКАДЕМИЈА ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН: 

Стефан Танков – најдобар студент
Андреј Игњатовски – студент со најголем потенцијал
Дино Никочевиќ – студент со најголем развој
Мартин Николоски – студент со најголем развој
Оливер Алексов – студент со најголем развој


АКАДЕМИЈА ЗА ВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ: 

Андреј Павлов – најдобар студент
Ива Јовановска – студент со најголем потенцијал
Марко Вилиќ – студент со најголем развој
Аника Чорбеска – студент со најголем развој


АКАДЕМИЈА ЗА МОДЕН ДИЗАЈН: 

Теа Клинчарова Стојевска – студент со најголем потенцијал
Андријана Павловски – студент со најголем потенцијал
Сара Павловска – студент со најголем развој
Николина Ристовска – студент со најголем развој


 

ДО СЛЕДНО ВИДУВАЊЕ! <3