9 [неочекувани] СПОМЕНИ »

9 [неочекувани] СПОМЕНИ

2479 Comments off Инфо

Денес [3 мај] прославуваме 9 години од првиот одржан час во Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Во таа чест споделуваме 9 незаборавни спомени. Хуху!  

СПОМЕН 1 • 2017

Намали музика! 2 саат е, ќе ни викнат полиција.

Дали знаете [?] Во 2017 година, менторот Петар Павлов, првиот час од предметот „Методологија на дизајн“ го одржа во изнајмен стан [Airbnb]. Се купија многу намирници за готвење, студентите се поделија во неколку работни групи и имаа за цел да подготват вечера инспирирана од музичко или сликарско дело. 

Вечерта заврши со фри стајл музицирање, читање поезија и многу празни чаши вино… Всушност слични журки се случуваат често.


СПОМЕН 2 • 2016

Затвори врата… Заклучи ја!

Дали знаете [?] Во 2016 година, на петтиот „Djolev TALKS – јавни настани за размена на креативни размисли“, моравме да ја заклучиме влезната врата, затоа што просторот не собираше повеќе луѓе. 120 столчиња + уште толку кои стоеја помеѓу, над, под столчињата. 

Темата на вечерта беше „Постоење, Вистина, Смисла“, домаќин на разговорот беше нашиот вечно драг проф. Стефан Сидовски – Сидо, додека гости-соговорници беа д-р Лазар Фотев, Игор Иванов- Изи и Миа Новковска;


СПОМЕН 3 • 2014

Тамара Котевска е во куќа!

Дали знаете [?] Во 2014 година, Тамара Котевска, режисерката на најуспешниот македонски филм „Медена земја“, ја посетуваше програмата „Курс по фотографија“, под менторство на Дејан Џолев. 

Следното појавување на Тамара во школата беше по успехот на Санденс, каде што заедно со корежисерот Љубомир Стефанов го споделија искуството од снимањето на филмот пред студентите на академиите за дизајн;


СПОМЕН 4 • 2015

Во државна сум, скршена ми е ногата.

Дали знаете [?] Во 2015 година, менторот Драги Неделчевски, без да биде свесен, одржа час во времетраење од 180 минути со скршена нога! 

Додека се ближел кон студиото да одржи час, имал незгода, по којашто помислил дека е само физичка болка и дека ќе помине бргу, но веднаш по часот, отишол на снимање, каде што се утврдила скршеница и заврши со месечна гипсирана чизма на зглобот од стапалото.


СПОМЕН 5 • 2016

Најдолгиот час! Гинис дали се слушаме?

Дали знаете [?] Во 2016 година, менторот Дејан Џолев, на програмата „Обука за филмски актер“, го одржа најдолгиот час во школата, најверојатно и многу пошироко! 

Часот започна во 12:00ч. на пладне, заврши во 12:00 на полноќ, само со две-три паузи од половина час. Денот беше исполнет и со многу гости од филмската и театарската сцена: Лабина Митевска, Наташа Петровиќ, Леон Ристов, Томе Станковски…


СПОМЕН 6 • 2017

Здружување на знаењето и искуството.

Дали знаете [?] Во 2017 година, основачот на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, Дејан Џолев и генералниот менаџер на „Сивус едукативен и развоен центар“, Весна Иваноска, потпишаа Меморандум за двегодишна соработка во скопското кафуле „Цреша“.

Таа година, започнаа две нови академии за дизајн, Академија за визуелни уметности и Академија за моден дизајн; 


СПОМЕН 7• 2020

Будете ја целата екипа!

Дали знаете [?] Во 2020 година, на само три часа пред лансирање на нашата платформа за дизајн и современа уметност „Скала магазин“, одлучивме да ја префотографираме [веќе] култната фотографија со шарени чорапчиња којашто требаше да ја отвори првата статија на магазинот. Тоа беше многу, многу, многу рано наутро. Стрес, но ќејфот е поголем!

Оваа година, на 14 мај ќе го прославиме нашиот роденден, заедно со првиот печатен број на Скала магазин;


СПОМЕН 8 • 2015

Денот кога истовремено се спротиставивме и го поддржавме образовниот систем.

Дали знаете [?] Во 2015 година, започнавме со кампањата „Образованието е повеќе од просек 5.0“, во којашто доделуваме целосни стипендии на средношколци со просек под 3.9, со цел подигање на самодовербата на оние ученици кои, поради послабиот просек, го губат мотивот за развој на своите таленти;

Oваа идеја се роди за време на пауза, помеѓу револтирани ученици кои се чувствувале обесправени поради фактот дека не се во можност да полагаат за возачка дозвола, како дел од своите врсници, поради просекот во училиште.


СПОМЕН 9 • 2021

< 3 < 3 < 3

Дали знаете [?] Во 2021 година, Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ е горда на своето минато, горда и на својата сегашност. 

Горда е на своите студенти, ментори и својот тим – млади, искусни, креативни, посветени работници: Крсто, Кристина, Ангела, Бинаса, Владанка, Оливера, Антонио, Анастасија, Андреј, Eлена, Бени и Дејан. Продолжуваме да создаваме заедно, за нас, за вас, за заедницата <3 



__ __ __

Ве очекуваме на нашата роденденска забава! 14.05.2021 // Јавна соба.

Биди дел од нашите едукативни програми, уписите се во тек!

Излезе првиот печатен број на „Скала магазин“ – купи по промотивна цена!

Прочитај ја минатогодишната роденденска приказна.

Природно е да студираш дизајн во Школа за дизајн и уметност. 
Тоа звучи доволно, тоа значи многу повеќе.