Разговор со Дејан Џолев, основачот на „Скала“ –Школа за дизајн
Интервјуто е преземено од inovativnost.mk, објавено на 10 април, 2023 год.
Иновациите во образованието се примарни, иднината на студентите е наша одговорност!
Околу темата за неформалното образование, креативните правци и можностите за студентите, позборувавме со основачот на „Скала“, Школата за дизајн и уметност, Дејан Џолев.
Школата за дизајн – „Скала“ е веќе 12-та година дел од неформалното образование. Како успевате да го одржите „чекорот“ со оглед на динамиката и различните едукативни институции со коишто истовремено сте на пазарот?
Сметам дека нашиот пристап секогаш бил насочен кон „трасирање на патот“ во неформалното образование отколку „одржување на чекорот“ во имплементацијата на образовни програми за коишто, во едукативните центри, веќе популарно се користи терминот „академии“.
Една од нашите најголеми предности е нашето би рекол, потекло од креативните индустрии и неразделивата врска со тоа што носи динамиката на пазарот и новите технологии. Ова искуство го адаптираме на потребите на индустријата во образовните програми. Постојано ги прегледуваме наставните курикулуми со цел воведување на нови модули и содржини, на старите принципи и методи.
Иновацијата во образованието е нешто за коешто многу често се зборува и промовира во нашето општество, но за жал, во погрешни правци. Ние како школа, се стремиме кон вистинските образовни вредности, секогаш размислувајќи за иднината на нашите студенти, тоа е привилегија и одговорност за којашто бескомпромисно се вложуваме.
Да заклучам, чекорењето е лесно и полетно кога добро го познаваш патот.
Дали студентите имаат и друг тип на привилегии кога станува збор за блиската релација на школата со креативните индустрии?
Студентите во „Скала“ имаат бројни привилегии и предности кога станува збор за блиската релација на школата со креативните индустрии, но пред да преминам на одговорот, би сакал да кажам дека најголема привилегија на студентите се токму самите тие. Тоа големо друштво во иднина ќе бидат колеги кои ќе се препорачуваат едни со други или ќе бидат партнери во сопствени компании. Ова го зборувам од искуство затоа што веќе се случува помеѓу нашите алумни-студенти, но го зборувам и од мое лично искуство, затоа што менторите на оваа Школа се мои лични поранешни професори или колеги од факултетите за уметност и дизајн на коишто студирав.
Да преминам кон одговарање на прашањето со конкретни практики. Една од важните предности на „Скала“ е тоа што на последниот час на сите академии за дизајн, секој студент јавно се претставува пред менаџери или сопственици на компании од креативните индустрии, со цел препознавање и вмрежување. Секој студент задолжително посетува една или повеќе платени пракси, со цел вработување или стекнување на професионално искуство.
Исто така студентите, за време на студирањето, имаат можност да работат на професионални проекти коишто се реализираат во соработка со компаниите, каде што студентите имаат можност да ги применат своите знаења во реални ситуации, а патем и да заработат.
Морам да ја споменам и најголемата студентска изложба за дизајн кај нас воопшто, без разлика на државните и приватните формални и неформални институции; изложба на којашто студентите на „Скала“ имаат можност да ги претстават сите свои дела и процеси од време на студирањето. Токму на овие изложби се случиле значајни релации помеѓу нашите студенти со заедницата.
Во секој случај, секој студент е индивидуална личност и има свои потреби и очекувања од образованието. Ние се стремиме да го задоволиме секој студент во „Скала“ и да им ги понудиме сите потребни услови и ресурси за да можат да ги постигнат своите цели и да се развиваат како креативни и одговорни личности.
Покрај Академиите, „Скала“ понуди платформа за промоција на креативната заедница – проектот „Скала магазин“. Што претставува во поширока смисла овој дигитален простор?
„Скала магазин“ е многу повеќе од дигитален простор, тоа е платформа којашто редовно организира изложби за дизајн и визуелни уметности, саеми, дебати и предавања за да ја прошири идејата за креативната култура во заедницата.
Исто така, „Скала магазин“ е работно место на студентите кои имаат можност за време на студирањето да бидат дел од еден голем систем и структура во редакциските тимови и да стекнат практично искуство во креативниот сектор.
Би додал дека „Скала магазин“ е навистина иновативен дигитален и реален простор којшто не само што ја промовира креативноста и автентичноста, туку и ги поврзува луѓето со иста мисија и вредности.
Што е важно да се истакне за „Скала“ во моментов?
Штотуку започнаа уписите за новата учебна година. Интересот за академиите е голем во оваа рана фаза поради попустите за ран упис, но и „фаќање“ на место. За жал, бројот на студенти ни е ограничен и ова е еден од нашите најважни стремежи за во иднина, да им овозможиме место на што поголем број на студенти.
Нѐ радува фактот што за нашите академии имаме интерес и студенти од регионот, најмногу Србија, што ни дава мотив да не правиме компромис на квалитетното образование. Како беше она, „добриот глас, надалеку…“.
Школата е на добар глас кај младите, но и помеѓу повозрасните кои сакаат да се прекфалификуваат во својата кариера или да се себенадградат во одредени вештини. Кои се програмите коишто ги нудите?
Тоа се шест академии за дизајн, што нѐ прави посебни на пазарот. Академија за графички дизајн, Академија за ui/ux дизајн и единствените програми од овој тип, Академија за моден дизајн, Академија за ентериер и продукт-дизајн, Академија за визуелни уметности и новитет од оваа учебна година е Академијата за фотографија.
Повеќе за програмите и начинот на запишување може да погледнете на следниот линк: https://djolevandthearts.edu.mk