Од развој на скица до дизајн на парче мебел I Skala

Од развој на скица до дизајн на парче мебел


Разговаравме со студентите од Академијата за ентериер и продукт дизајн, Николина Тасевска, Стефани Андова и Наталија Ангеловска, за нивниот семестрален проект од предметот Прототип дизајн студио. 

Предметот е под менторство на Катерина Трпковска, каде што студентите имаа задача да произведат парче мебел од скица, преку технички цртеж, истражување и тестирање на материјали, реализација на прототип-дизајн и конечен продукт.

Проектот е развиван во рамките на предметот Дизајн процес, под менторство на дизајнерот Апостол Тноковски. Ги прашавме околу инспирацијата за темата, начинот на изработка и општо – предизвикот да се создаде нешто коешто првично постоело само како идеја, а потоа се реализирало во физички функционален продукт.

Стефани Андова

Стефани Андова - академија за ентериер и продукт дизајн - ламба - скала - џолев



Стефани Андова работеше на продукт којшто некои лектори практикуваат да го претстават како „ламба“, а други како „лампа“ 🙂

При процесот на креирање, се соочив со…

Истражување, донесување на одлуки и прилагодување на материјалите кон дизајнот на ламбата. Спојот на оревото дрво и ониксот како контрасни елементи бараше прецизност, упорност и точни димензии. Еден од најголемите предизвици беше сечењето на ониксот до тенкост којашто овозможува излез на светлината од лед-сијалиците; по неколку неуспешни обиди и скршени парчиња оникс, стигнавме до финалната димензија. Вложувањето во процесот бараше труд од наша страна и „засукани ракави“ во работилница. Првичната скица од ламбата беше со остри рабови, но при консултации со менторката Катерина Трпковска, се одлучив за тапи рабови коишто имав можност да ги изработам сама.

За соработката при процесот, за менторите би сакала да кажам…

И покрај тоа што јас сум авторот на дизајнот, без нив делото немаше да изгледа вака. Нивното познавање на секоја гранка и аспект од дизајнирањето имаше значително влијание врз финалниот продукт којшто го добив, на што сум им благодарна.

Другарски совет за сите оние кои сакаат да се запишат на академија во „Скала

Ентериерот не ги опфаќа само столчињата и масите или креветот во вашата спална соба. Дизајнирањето ентериер за мене претставува начин да допрам до некого, да прикажам емоција или порака. На Академијата за ентериер и продукт дизајн, дизајнот е учење уметност за којашто треба многу време, посветеност и иновативност и сепак, на крајот, сето тоа вреди многу.

Николина Тасевска


Николина Тасевска, преку реупотреба на отпадни материјали, изработи клуб-масичка, а кога нејзината маса би имала име, таа би ја крстила: случајност.

При процесот на креирање, се соочив со…

Голем број на предизвици и промени, почнувајќи од идејата па сè до дизајнот на парчето мебел. Всушност, првичната моја идеја исто така, се однесува на дизајн на ламба, но ограничените ресурси ми овозможија да ја разбудам креативноста и да се препуштам на процес којшто претставуваше вистинска трансформација. Масата се „роди“ низ разговор со менторите и воочувањето дека не секогаш ни се потребни нови материјали за изработка на продукт. Така, металната спирала на мојата маса е отпад од стар камион, а преку шмирглање и фарбање на истата во работилницата на татко ми, имав можност да ја претворам во функционална ногарка којашто може да се користи и како мини полица за книги.

За соработката при процесот, за менторите би сакала да кажам…

Менторите ми помогнаа многу до реализација на идејата. Особено Апостол Тноковски кој ми помогна со идејата дека можам да искористам спирала од камион за ногарка на масичката.

Другарски совет за сите оние кои сакаат да се запишат на академија во „Скала

Моја препорака е да се определите за развој на продукт-дизајн од причина што ќе имате можност да креирате многу креативни и функционални артефакти. Со тоа ќе им помогнете и решите одреден проблем на клиентите и ќе ги направите среќни!

Наталија Ангеловска


Наталија Ангеловска создаде минималистичка ламба во големи димензии којашто се вклопува во модерен ентериер.

При процесот на креирање, се соочив со…

За време на процесот, се соочив со предизвикот да се постигне рамнотежа меѓу функционалноста и естетиката на столната ламба. Истовремено, се стекнав со искуство и научив како функционираат машините, кој алат за што е и како се употребуваат. Додека го изработував продуктот, ги имавме на располагање сите потребни машини и суровини за да се изведе мојата идеја и генерално идеите на моите колеги.

За соработката при процесот, за менторите би сакала да кажам…

Процесот се одвиваше во пријатна и креативна атмосфера. Пред сѐ, благодарна сум на менторката Катерина Трпковска која го сподели нејзиното богато искуство во пронаоѓање на креативни решенија при производство на мебел, со тоа што ми помогна во реализацијата на овој продукт.

Додека пак, во развојот на идејата стигнав многу лесно, следејќи го дизајнерскиот пристап којшто ја нагласува функционалноста, со помош на менторот Апостол Тноковски.

Другарски совет за сите оние кои сакаат да се запишат на академија во „Скала

Во моментов, ентериер и продукт-дизајн е распространета и барана професија. Академијата во „Скала“ нуди нова програма којашто ги следи трендовите и потребите на креативните индустрии. На Академијата, ќе имате можност да учите од супер искусни и професионални ментори од кои и јас лично научив многу.

Искрено ви ја препорачувам, затоа што оваа Академија е идеалното место за да стекнете знаење!


Девојки, дизајнерки, ви благодариме што ни споделивте нешто повеќе за вашата приказна од идеја до реализација на вашите парчиња мебел. Вашето искуство е вистински пример за практичното образование коешто го стекнуваат нашите студенти од развој на скица, па сè до изработка на финален продукт.

Погледни ја севкупната програма на Академијата за ентериер и продукт дизајн и искористи го попустот за ран упис, не дозволувај твојот дизајн за ламба да остане само скица во тетратка!

ПОГЛЕДНИ ПОВЕЌЕ ЗА СИТЕ 6 АКАДЕМИИ ЗА ДИЗАЈН [ТУКА]
Академија за графички дизајн
Академија за UX/UX+ дизајн
Академија за визуелни уметности
Академија за моден дизајн
Академија за ентериер и продукт дизајн
Академија за фотографија

✰ ✰ ✰