„Скалаџии“ со победничко решение на хакатонот „Технологија во функција на хуманост“ - Скала
скала хакатон

„Скалаџии“ со победничко решение на хакатонот „Технологија во функција на хуманост“

1058 Comments off Некатегоризирано

Од први до трети декември, во новиот коворкинг-простор на „Стартап клуб“ -Скопје, се одржа првиот хакатон за дигитализација на донаторското искуство „Технологија во функција на хуманост“, во организација на  „Ways2Help“ во соработка со „Women in tech Macedonia“.

На хакатонот зедоа учество над 80 учесници од формални и неформални организации, ит-компании и неколку едукативни центри меѓу коишто и „Скала“. 

Учесниците на хакатонот имаа за цел да креираат и да ги претстават своите иновативни решенија за општествено добро и помош за социјално загрозени семејства во неколку облици како: дополнителна функционалност на Ways2help-платформата, апликација, онлајн игра или дополнителен иновативен систем за подобрување на донаторското искуство.

Нашиот тим беше селектиран од тековните студенти на академиите за дизајн и тоа: Милена Петковска, Теона Милева, Трајче Стојанов, Стефан Божиновски, Сања Делева и Зорица Ставрова.

Особено сме горди што нашиот тим, во конкуренција на 16 други тимови, го освои 3-то место или 1-во, во рамките на сите тимови од пријавените школи. Честитки дечки!! – Уште еднаш јавно ги потврдивте вашите квалитети.


Ни претставуваше вистинско задоволство да го следиме развојот на нивната идеја за „Round Up“ којашто во рамките на тридневниот настан, прерасна во детално разработено решение подготвено за имплементација, благодарение на вложеноста на тимот и континуираната соработка со менторите.

Поразговаравме со Зорица Ставрова, студентка на Академијата за ентериер и продукт-дизајн, накратко околу нивното решение, систем на плаќање и собирање средства за добротворни цели  „Round Up“ ….

ЗОРИЦА: Идејата за нашето решение произлегува од самото искуство коешто го имаме со начини за некаква донација, како и истражување на пазарот. Воочивме два клучни проблеми: чекорите при процес на донирање и танспарентноста при направена донација. Преку нашето решение, сакаме да направиме донирањето да биде  достапно до сите и секој оној кој може да учествува со симболична донација да биде сигурен дека тој износ на сумата стигнува на вистинското место. 

Нашата идеја всушност, е заокружување на износ на сума којашто може да биде: за 1 денар, 10, 100, 1000 или друг износ. Првостепен таргет се онлајн-продавниците коишто се застапени во голем број на нашиот пазар, а понатаму се размислуваме и за експанзија на идејата на повеќе места. 

Во практична смисла, секој човек кој би нарачувал нешто на онлајн-продавница, при крајот на нарачката би постоела опција каде што купувачот ја заокружува неговата сума на износ којшто тој ќе го одбере дека сака и може да го донира.

Round Up e систем на плаќање и собирање средства за добротворни цели како облик на широка и перманентна акција на граѓанска општествена одговорност и свесност за помагање на поединци и групи во општеството.


За организацијата и самиот настан, поразговаравме со Милена Петковска, студентка на Академијата за UX/UI+ дизајн, која ни сподели …

МИЛЕНА: Како нешто кон што целиот тим се впушта за првпат, првичната глетка од 80+ луѓе беше застрашувачка. По одредено време, сфативме дека ова ќе е почеток на едно неверојатно патување. Со тоа што си го обезбедивме 3-тото место, покрај 16 други тимови, се појави некоја неоткриена љубов кон целата хаотична хакатонска култура. Но, ништо од ова немаше да биде возможно без поддршката од организацискиот тим којшто неуморно работеше и се трудеше да е сè испланирано и да се поклопува совршено со агендата. Голем поздрав и до менторите кои ни помогнаа да не се изгубиме и залутаме во изобилието од идеи. Воедно, „RoundUp“ како проект нема да остане само како триумф на хартија, туку ќе е приказна којашто ќе продолжи. Сепак е доказ за моќта на соработката и потенцијалот на секој од нас.


Учество на студентите на хакатони е искуство од неколку значајни аспекти: 

Тимска работа: Хакатоните обично вклучуваат тимска работа каде што учесниците се обидуваат да решат конкретен проблем или да развијат иновативно решение. Ова им овозможува на студентите да го развиваат својот тимски дух и да учат како успешно да соработуваат со различни личности.

Примена на знаење: Применувањето на концептите и вештините коишто се стекнати на академија (или генерално во образование) во реални сценарија е исклучително важно. Хакатоните претставуваат можност за студентите да ги применат своите вештини во создавање решенија за реални проблеми.

Иновација и креативност: Хакатоните ги поттикнуваат студентите да размислуваат креативно и иновативно. Ова е можност за развивање на критичко мислење и способност за решавање на проблеми.

Менторство и нетворкинг: Некои хакатони (токму како хакатонот „Технологија во функција на хуманост“) имаат менторски програми каде што учесниците/студентите може да добијат совети и водство од професионалци во индустријата. Исто така, учеството ги поврзува студентите со лица од индустријата, што може да ги отвори вратите за идни кариерни можности.

Развој на професионални вештини: Учеството во хакатони ги зголемува професионалните вештини на студентите, вклучувајќи технички вештини, менаџмент на проекти, презентациски вештини и сл.

Придонес кон заедницата: Во овој случај, самата тема „Технологија во функција на хуманост” ги поттикнува студентите да размислуваат за начини како технологијата може да има позитивно влијание на заедницата и човековото општество.

Сѐ на сѐ, учеството на хакатон е важен дел од неформалното образование и професионалниот развој! Продолжуваме, скала по скала. 

А ние „Скалаџии“, студентите и административниот тим, оваа победа ја прославивме со еден тон крофни, топло чоколадо и се разбира -шампањ!