Македонската опера и балет, отворена за студентите на „Скала“
Студентите од Академијата за моден дизајн, имаа екслузивна можност да влезат „зад сцената” и да посведочат на создавањето на еден костимографски проект -од идеја до реализација.
Во рамките на предметот Моден дизајн, под менторство на реномираниот костимограф Александар Ношпал, се одржа теренска настава во бајковиот свет на создавање костими во МОБ. Таму, студентите имаа можност да го видат подготвувањето на костимографијата за премиерата на претставата „Молитви на моето тело“, како и да се запознаат подетално со костимскиот оддел и организација на Македонската опера и балет.
Менторот Ношпал и ракводителката на костимскиот оддел, Марија Пупучевска ги прошетаа студентите низ сите единици на одделот, почнувајќи од женската и машка шивална, шминкерната и фризерскиот дел до шапкарата, фарбарата и чевларата како и сите фундуси.
Вработените во одделот ги пречекаа студнетите со топли насмевки и ентузијазам, споделувајќи им го сопстевниот начин на работа и пренесувајќи им дел од нивното богато искуство. Во шивалните, тие имаа можност да се запознаат со изобилството на различни материјали и текстури, како и нивното комбинирање и манипулација до создавањето на вистинско уметничко дело во шапкарата преку постојано изнаоѓање на иновативни решенија.
Студентите, воодушевени од искуството ни споделија импресии.
Олгица Тренеска: Посетата на МОБ, несомнено ги прошири моите знаења и разбирања и особено би ставила акцент на целиот процес на подготовка и актот на трансформирање на креативната мисла во реалност, нешто коешто ме воодушеви. Посетата на депоата ми отвори нова преспективна точка во поглед на креирањето на костими и делумно ми го разјасни мисловниот и практичниот процес. Благодарна сум им на вработените, пред сѐ за нивната професионалност, дружељубивост и гостопримство, а и за нивното страсно и посветено работење, коешто разбуди мотивација во мене да продолжам да го следам мојот мотив кон модата.
Раководителката Марија Пупучевска, ги отвори и големите врати на фундусите каде што се наоѓаат сите костими од тековните претстави, како и длабокиот фундус каде што студентите едноставно, се изгубија во магичниот свет којшто е симбиоза на сите костимографии и маски од различни временски периоди. Нашите идни модни дизајнери, не сакаа да си идат од овој магичен свет, којшто изобилуваше од везови, неконвенционални материјали, различни начини на изработка и бои коишто ја оживуваат имагинацијата.
Аника Иловска: МОБ е едно од ретките мои омилени места во градот Скопје, ова беше ретка можност да може како студенти дизајнери да се запознаеме со внатрешните процеси. Почнувајќи од депоата, до чевларот, шапкарот, собите за шминка и маска, изработката на костими, интерактивен разговор со сите вработени.Тоа претставуваше едно огромно задоволство за сите нас. Голема благодарност до професорот Ношпал и неговите колеги кои одвоија дел од своето време да ни покажат како изгледа еден ден пред подготвување на премиера.
Ваквото искуство за студентите е од голема важност, бидејќи имаат можност да бидат во директен допир со сите процеси на созадавање на еден аутфит, како и да научат за важноста на секој сегмент при креирање на севкупниот изглед. Преку организацијата и структуираноста на работните позиции и нивната поврзаност, студентите добиваат јасна слика за функционирањето и реализација на еден дизајнерски проект.
Ваквиот тип на практики „Скала“ ја издвојуваат како школа, во којашто теренските предавања се неизоставен дел од наставните програми и овозможуваат развивање на подобра перцепција за важноста на соработката, усовршувањето на сопствените вештини и нетворкинг, како и проникнување на желбата за работа во одредена дизајнерска гранка.
Олгица Тренеска: Оваа посета беше од големо значење за мојот пат до едукација на ова поле. Ми беше чест да бидам дел од самата креација на костимите, да можам да ги видам веќе направените костими и да го согледам процесот којшто истите ги донел во реалност. Костимографијата е дел од модниот дизајн којшто секогаш ме интригираше и ова искуство, дефинитивно ја потврди мојата воодушевеност кон креирањето костими.
Академијата за моден дизајн е едногодишна темелна програма, единствена од ваков тип којашто им овозможува на студентите да се стекнат со практични знаења и вештини преку нетрадиционални, флексибилни и теренски едукативни методи на настава во соработка со еминентни универзитетски професори и долгогодишни професионалци од креативните индустрии.