ПОВИК ЗА ЦЕЛОСНИ СТИПЕНДИИ / АКАДЕМИИ ЗА ДИЗАЈН
Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ објавија повик за целосни и делумни стипендии на Академиите за дизајн. На повикот ќе бидат доделени вкупно 8 стипендии, од кои 4 целосни стипендии на Академиите за:
ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН
ЕНТЕРИЕР И ДИЗАЈН НА МЕБЕЛ
МОДЕН ДИЗАЈН
ВИЗУЕЛНИ УМЕТНОСТИ
По тој повод, поразговаравме со Иван Мегленов, стипендист од генерацијата 2017/18, кој веднаш по завршувањето на Академијата започна со пракса во „Сеавус едукативен и развоен центар“, каде што денес е вработен во маркетинг-секторот како графички дизајнер.
Го прашавме Иван, како го имплементираше стекнатото знаење од Академијата за визуелни уметности и разликите од студиите на Академијата и неговиот матичен факултет, Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Јас како тековен студент на ФЛУ во 2017, бев стипендист и на Академијата за визуелни уметности при „Џолев и Уметностите“, тоа паралелно посетување на две различни едукативни институции ми овозможи да ја почувствувам разликата помеѓу истите.
Односно на ФЛУ во Отсекот графика, фокусот беше на изучување на историјата на ликовната уметност, исто така да ги совладаме техниките за мултиплицирање на дела. Истите техники што ги користеле првите графички дизајнери, како на пр. литографија во уметничкиот правец Арт Нуво (Југендстил) и сито-печат во Поп-Арт правецот.
Додека на Академијата за визуелни уметности ги изучувавме најновите алатки и начини на работа според креативната индустрија. Стекнатото знаење од Академијата ми овозможи дигитално да ја пренесам својата идеја и замисла. Верувам дека најклучното нешто што го исцрпив од знаењето на сите ментори е како да го перцепирам дизајнот, што го прави еден дизајн посебен и поразличен од останатите. Менторите нè предизвикаа критично да размислуваме и да ги анализираме креативните проблеми со коишто би се соочувале секојдневно на нашето идно работно место.
Со сигурност можам да кажам дека и по 2 години, сè уште се навраќам на лекциите што ги имавме на академијата и до ден денес, тие знаења ми се од корист и помош во мојата работа.
Разговаравме и за самото интервју, од што се состоеше и кои беа неговите очекувања.
Беше побарано од нас да го донесеме нашето креативно портфолио, без разлика дали истото се состои од постери, илустрации, цртежи, фотографии итн. Со цел да се види студентот со какви вештини располага и во која фаза е на својот креативен развој. Јас донесов повеќе цртежи во поголем формат, тоа беа портрети и мртва природа, неколку графики и своето тогашно мало портфолио по графички дизајн. Испринтано на А4 листови, сместени во папка. Пристигнав со голема трема, сакав да ги импресионирам, но истовремено многу критично гледав кон своите дела. Ме изненадија тотално нивните позитивни коментари за делата и тремата пополека ја снема. Разговаравме за моите очекувања и желби за кариерно насочување и напредок, исто така, ми објаснија што ќе се изучува и како. Излегов превозбуден и секој ден бев во исчекување на нивното контактирање.
________
Кандидатите кои ќе аплицираат, ќе бидат повикани на кратко интервју со координаторите од академиите пред кои ќе имаат можност да се претстават преку интересот за личен развој и преквалификација или преку портфолија и дела за понатамошно надоградување во дејноста од интерес.
Возможни се два типа на интервју (поделени во две различни категории) и тоа: кандидати со искуство од дејноста и кандидати без претходно искуство. Двете категории имаат различен систем на вреднување. Погледнете повеќе тука.
________
Фотографија: Виктор Стојков
Асс. на фото.: Стојан Цоке Ајтов