„Џолев и уметностите“ станува „Скала“ » SKALA School
дејан џолев скала

„Џолев и уметностите“ станува „Скала“

502 Comments off Инфо, кариера

10 години школа за дизајн и уметност!

По повод 10 години од Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, разговараме со нејзиниот основач, Дејан Џолев. Низ разговорот се потсетивме на почетоците, но и на тоа што претставува оваа Школа денес, мисијата и предизвикот да се биде дел од секторот за образование, како и плановите за понатамошен раст и развој. Уживајте!


Џолев, измина една деценија од првиот час во Школата за дизајн и уметност – „Џолев и уметностите“. Може ли да ни раскажете накратко за првиот час? Се сеќавате ли?

Првиот час, како и секој во изминатите десет години, за мене лично е големо задоволство и еднакво важен. Се сеќавам на секој од нив, на секој студент, на секоја домашна задача, на секој проект, на секоја радост и недоразбирање. Привилегија е да си дел од сектор образование, привилегија е тоа што сум ја имал можноста да се дружам, да споделам знаење и искуство, но и да учам истовремено од сите студенти-креативци од различни сфери на дизајнот и уметностите.


На десетгодишнината одлучивте да се ребрендирате од „Џолев и уметностите“ во „Скала – Школа за дизајн, уметност и технологија“. Која е причината?

Поради две терминолошки причини. 

Прво, ние денес не сме само школа за уметност, пред сè, сме школа за дизајн, а од минатата година започнавме и со програми од ИТ-технологиите, па така терминот „уметностите“ е веќе надминат. 

Втората причина е „Џолев“, моето презиме коешто единствено имаше функција во првата година, кога бев единствен ментор. Всушност „Џолев и уметностите“ кога започна како старт-ап во рамки на ПСМ-фондација, практично првата година немаше име, па така на една од паузите во дворот, во спонтан разговор на учениците од различни програми (фотографи, актери, сликари) еден од нив забележа „па ова е Џолев и уметностите“ – се изнасмеавме, но во исто време и ми се допадна ова случајно предлог-решение и во тоа време беше во функција.

Денес школата многу малку е „Џолев“, во исто време е и многу повеќе од „Уметностите“. 


На што најмногу се гордеете изминатата деценија?

Ќе ги издвојам трите најважни работи. И трите работи се поврзани со луѓе 🙂 

Среќни сме затоа што ја сведочиме среќата на студентите. Нивниот професионален развој. Радува фактот што наши студенти денес се активни учесници во креативната индустрија и заедница, а оние кои одлучија да го продолжат образованието, денес се на престижни светски универзитети.

Тимот. И не само активниот тим, туку сите кои имале придонес кон Школата изминатите 10 години. Ние не сме колеги, ние сме семејство! Нашата Школа не е зграда, Школата ни е дом. 

И, се разбира, менторите. Десет години успеавме да го одржиме најголемиот и најквалитетниот дизајнерски и уметнички менторски колегиум. Во моментов се активни повеќе од 50 ментори, универзитетски професори, професионалци од дејностите, најдобрите во индустријата! 

Чест и привилегија е да се дели секојдневието со сите овие прекрасни личности. 



НЕ ПРОПУШТАЈТЕ: Отворени денови под името „Дизајн коктели, технологии и апетисани“ коишто ќе се одржат на 23 и 24 јуни во релаксирачка атмосфера во „Public Room“.

Регистраците се бесплатни и достапни на следниов линк.


Од денешна перспектива, да се биде дел од неформалното образование една цела деценија, вреди ли? Колку е предизвик да се опстои на овој пазар?

Најголемиот предизвик е да се одржи квалитетна наставна програма, на пример од аспект на фонд на часови. За жал, во конкуренцијата постои тенденција на постојано намалување на фондот на часови, со цел да се намали цената на една академска година. Ние упорно и тврдоглаво стоиме на наставниот план во којшто веруваме и секако, се покажува како успешен, токму и затоа нашите академии се најскапи на пазарот. Но, во исто време, ова е предност којашто нѐ издвојува, прави и природна селекција. Амбициозните студенти го препознаваат нашиот квалитет и ја имаме честа да работиме со навистина силни и квалитетни индивидуалци и групи. 


Во изминатите пет години, на овој пазар се појавија голем број на академии и тренинг- центри коишто нудат програми за дизајн и технологии. По што се разликува „Скала“ и какво е вашето мислење за севкупниот пазар и неговите учесници? 

Ние веруваме во практично образование, па така сме единствена Школа за дизајн и уметност којашто им овозможува на студентите современо фото и видео-студио, техничка опрема со 3Д- принтери и таблети за цртање, комплетно опремено модно ателје, работилница за изработка на мебел, цртачко и сликарско ателје и материјали за работа… 

Предност е што во нашата Школа, секојдневно студентите од различните академии за дизајн (визуелни уметности, графички, моден, веб, ентериер-дизајн) се во постојан контакт и комуникација. Многу е важно секој креативец да расте во средина каде што ќе има можност да се запознае со дизајнери од секој аспект на индустријата, затоа што подоцна во „реалниот живот“, ние сме зависни едни од други. Всушност, најголемото богатство е да се биде активен студент, затоа што за време на студирање ги запознаваме нашите идни професионални соработници и партнери, а тоа се колегите и менторите – сето ова од онлајн-настава и од туторијал не се добива. 


Колкаво влијание на пазарот на труд има неформалното образование денес? Дали постои соработка помеѓу вас, компаниите и државните институции (централната и локалната власт)? Колку според вас е значајно да се гради стратегија за економски развој врз база на оваа корелација и соработка?

Неформалното образование реши неколку клучни проблеми на пазарот на труд. Се појавија нови и нови професии, но универзитетите не беа подготвени за брзи промени и воведување на нови насоки на нивните факултети; се отворија нови можности за работа коишто нудат многу поголеми бенефити за луѓето: повисоки плати и хонорари, флексибилно работно време, можности за постојано унапредување на позициите, отворен глобален пазар итн.

Сето ова ја отвори потребата за преквалификација и го забрза процесот на учење каде што се покажа дека за одредени технички професии не се потребни 3-4 годишни студии, особено професии каде што дипломата нема важност. 

Неформалниот сектор на едукација отвори една нова етапа во образованието и во моментов, освен силната релација со пазарот – индустријата, каде што ја следиме секоја промена и потреба од нов кадар, имплементирајќи постојано новитети во своите програми, сме во многу почетна позиција во соработката со државните институции и формалниот сектор на образование. Но сега, со досегашното наше искуство и експертиза, дефинитивно постои простор за дијалог, затоа што може да си помогнеме едни на други, а целта и мотивот секогаш треба да бидат студентите и нивниот развој.

Што е следниот фокус? На каде се движи патот за следната деценија?

Образованието во светски рамки остана последниот сектор којшто најспоро се адаптира и менува на промени. Во тој контекст, но и во контекст на претходното прашање, а сѐ со цел заземање на поголемо учество во креирањето на образовните политики и стратегии, започнавме нов предизвик преку основање на Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје. Овој Институт има за цел да ги обедини сите наши досегашни активности и поврзе со сите учесници во образовниот сектор, креативните и ИТ-индустрии. Тоа значи, планираме низа сериозни проекти и иницијативи коишто ќе бидат во насока на подобрување на севкупното формално образование, продолжување на мисијата со „Скала“ којашто покрај едукација има развиено своја дигитална платформа www.skala.mk за промоција на креативните умови и поддршка на севкупната дизајн-сцена.


Не пропуштајте: Во моментов е активен и ПОВИКОТ ЗА СТИПЕНДИИ.
>> повикот е отворен за апликации до 30 јуни!