ГЛАС НА НОВАТА СЦЕНА!
„Kога бевме мали секогаш нè прашуваа:, „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, но на нашиот одговор никогаш не следуваше второто поважно прашање: „А што треба да направиш за да бидеш тоа што го посакуваш?”
- Вели Дејан Џолев, главниот архитект на нашиот Скала магазин. Низ разговор и размислување со кого да го направиме првото интервју, одговорот ни дојде сам по себе.
Тој ни ја раскажа приказната како се роди идејата за првата студентска платформа за дизајн и современа уметност, мотивот позади неа и тимот кој го дели истиот ентузијазам и возбуденост.
Пријатно читање.
СКАЛА: Скала – која е приказната позади името?
ЏОЛЕВ: Скала – затоа што се качуваме чекор по чекор, не летаме, туку сме цврсто на земја. Така би требало да се темели слоганот на сечие образование и кариера. А Скала е токму тоа, гласот на студентите, младите автори и креативните индустрии.
Тоа беше состанок помеѓу основачите [Кристина Крагујевска, Крсто Златков, Дејан Џолев] со едноставен дневен ред којшто имаше само една задача, но и еден ултиматум, гласеше: Додека не го решиме името за платформата, состанокот не завршува! Бевме подготвени за долга, исцрпна расправија. Именување на било што секогаш бил комплексен процес, што многу често и се потценува. На состанокот се појавив со завршена домашна задача, подготвен со десетина предлог-идеи со детална анализа за потеклото на зборот, толкување на метафори, звучност… и најверојатно бев здодевен додека го бранев мојот труд, па Крсто ме прекина со кратко прашање, а зошто да не се вика СКАЛА?
СКАЛА: Каде и како се роди идејата за Скала? Раскажи ни за моментот – каде се наоѓаше, што ти проаѓаше низ ум?
ЏОЛЕВ: Имагинацијата без труд и експеримент е залудна дарба. Кога бевме мали секогаш нè прашуваа:, „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, но на нашиот одговор никогаш не следуваше второто поважно прашање: „А што треба да направиш за да бидеш тоа што го посакуваш?“ Не се „бидува“ со тоа што ќе пораснеме, туку „бидувањето“ е процес на труд, а не чекање! Желбата е основата на секој почеток, но тоа е далеку од доволно. Стартот на Скала го анализираме неколку години. Покрај логистичка и техничка, пред сè беше потребна интелектуална и креативна инфраструктура. Изминатиот карантински април ни даде простор да се вратиме повторно на идејата и да го поставиме клучното прашање: „Дали сме конечно пораснати“?
СКАЛА: Направи ни една мала „прошеткa” низ Скала магазин. Како ќе функционира, како го одбра тимот?
ЏОЛЕВ: Јас не го одбрав тимот, тимот ја одбра Скала!
Скала е навистина голема редакциска структура, поделена во три системски прстени и околу 70 активни членови од различни дејности и искуства. Административната редакција е партнерство помеѓу менаџментот на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и редовните студенти и алумните од академиите за дизајн. Посебно радува и охрабрува фактот што на клучните позиции се токму студентите: Владо Србиновски – креативен директор, Диме Данов – ТВ уредник, Бинаса Дрндар – главен уредник на пишувачкиот оддел, Виктор Стојков – видеограф, Антонио Станков – главен уредник на фотографија и уште десетина студенти задолжени за креативните или пишувачките потреби во Скала.
Поддршка имаме и од нашите ментори – професионалци во своите дејности или професори од локалните универзитети. Тоа се околу дваесетина месечни колумнисти, есеисти, кои ќе обработуваат теми важни за уметностите, дизајнот и образованието.
Огромна привилегија е што кон Скала се приклучија уште десетина дописници, пријатели од светските метрополи, а најважно е што кон Скала активно се вклучија и студенти од државните и приватните универзитети, студенти од Факултетите за ликовна уметност, архитектура, графички дизајн, моден дизајн, Факултетот за драмски уметности, Филозофскиот факултет итн.
СКАЛА: Која публика веруваш дека особено ќе ужива во содржините на Скала?
ЏОЛЕВ: Важно да ужива тимот. Тоа е прво и единствено најважно! Доколку ние создаваме содржина со уживање, ефектот лесно ќе допре и до публиката.
Во контекст на прашањето… Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци и поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите. Целта на оваа платформа е студентите да бидат креатори и директни учесници во креативната заедница и најважно, да го даваат својот придонес кон зајакнување на севкупната индустрија. Сите кои ќе се препознаат во редови и меѓу редови, тоа е нашата публика и инспирација.
СКАЛА: Скалило по скалило – каде е Скала и како изгледа за 10 години од сега, славејќи го својот јубилеј?
ЏОЛЕВ: Медиум е одговорност! Исполнување на очекувањата од аспект на постојаност, квалитет, навремено информирање и редовен дијалог со публиката е одговорна задача, но и повеќе од потребна во нашиот јавен дискурс.
Убава парабола ќе направиме на крајот од овој разговор со тоа што ќе го вратам на почетокот. Одиме чекор по чекор, не летаме, туку сме цврсто на земја. Перспективата по 10 години е само една ситна точка од неколку паралелни линии на скалилата.