ПРОШЕТКА НИЗ ДИЗАЈН-ПРОЦЕСОТ: АЛТЕРНАТИВНО СТУДЕНТСКО ДОМУВАЊЕ; ПРЕНАМЕНА НА КОНТЕЈНЕРИ ЗА ТРАНСПОРТ
Разговараат: Марија Цвеевска и Ена Стојанова
Продукт-дизајнерите се решавачи на проблеми. Креативноста ни произлегува од ситуациите за коишто останатите тврдат дека немаат решение, а ние тврдоглаво не прифаќаме НЕ за одговор. На Академијата за продукт-дизајн во Школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите, си поразговарав со Ена Стојанова, којашто ни раскажа за нејзиното решение за студентско домување. Проблемот што ја мотивирал Ена да размислува на оваа тема е губењето на приватноста на студентите по вселување во студентскитеш домови.
Ена: „Идејата за почеток на овој проект беше отворање на повеќе опции за сместување на млади и студенти. Ваков тип на сместување алудира на простор со мали димензии, па според тоа сметав дека за таа цел соодветна би била пренамена на контејнери за транспорт на стока. Проекти од овој тип веќе постојат, а ова е една моја варијанта.”
Со пренаменувањето на овие контејнери се постигнуваат повеќе позитивни резултати, како:
- Простор којшто има поголема приватност од стандардните начини за домување на студенти (студентските домови);
- Начин на рециклирање на контејнерите коишто остануваат како отпад;
- Побрз начин на обезбедување на домови, во однос на стандардниот начин на градење;
- Можности за организација на пренаменетите контејнери на повеќе начини: на асфалтирани површини, во природа, наредени едни врз други (во вид на зграда), итн.;
- Економски одржлив процес – доколку се изведе правилно;
- Можен транспорт на контејрот – доколку некогаш тоа е потребно;
„За да се започне процесот на дизајнирање, потребно е прво да се направи подетално истражување на темата, во случајов домување во контејнери за транспорт на стока. Се запознавам со позитивните и негативните страни на ваквото домување, материјалите коишто најчесто се користат во други проекти од овој тип итн.”
Следниот чекор е проектирање на просторот. Целта ми беше да ги вклопам сите основни елементи за комотно живеење на еден млад човек (сопствен тоалет, кујна, машина за алишта, работна површина, дел за дружење, итн.). Поради тоа, експериментирав со повеќе димензии на контејнери, различни варијанти на мебел, различни поделби на просторот, итн., сè додека не добив нешто со коешто бев задоволна. Процесот на проектирање го изведувам во AutoCAD, а понекогаш користам и брзи скици што ги правам или на рака или во SketchBook
Работи што ги имав предвид при проектирање на контејнерот:
Стандардните контејнери за транспорт на стока имаат правоаголна форма и се изработени од челик, својства што воопшто не се поволни за живеење. Поради тоа, значаен дел од пренамената на нивната функција е изолацијата и отворите за прозорци и врати. Изолацијата се приглавува помеѓу конструкција од дрвени греди коишто даваат дополнителна јачина на ѕидовите од контејнерот, а по нејзино поставување, просторот дополнително се намалува и зафаќа 13.9 m2. Внимавав отворите за врати и прозорци да имаат стандардни димензии и да се поставени во некаква симетрија, со цел да не предизвикуваат дополнително визуелно оптоварување на просторот.
Во третиот и последен дел, основата ја префрлам во 3ds Max каде што од 2D правам 3D – проект. Во овој дел, се задржувам на естетиката на просторот, односно материјалите, боите, дизајнот на мебелот, осветлувањето, итн. За полесно да го водам проектот, правам некаков вид на moodboard (најчесто на Pinterest). Конкретно за овој проект, бидејќи станува збор за мал и тесен простор, знаев дека ќе употребувам светли бои уште од почетокот, па имав некаква идеја во главата.
Во просторот главно доминира светол фурнир на ѕидовите, подот и на корпусниот мебел. Во спротивност на ова, во кујната се појавува имитација на терацо-камен, кој инаку е скап и тежок. Како дел од корпусниот мебел имам вклопено и саксии за растенија, со цел да се добие порелаксирана атмосфера во просторот.“
Кога би требало да избере омилен дел од процесот на дизајнирање, ни кажа дека тоа би било организирањето на мебелот во просторот, испробување со различни димензии и форми, затоа што секој проект има нешто различно и специфично.
Процесот продолжува!
Секој месец разгледуваме по еден проект на студентите од Академијата за продукт дизајн.
До следното читање,
Марија Цвеевска.