РEТРОСПЕКТОР: Мај + Јуни »

РEТРОСПЕКТОР: Мај + Јуни

2728 Comments off Инфо

Во месец мај и јуни… Ох колку многу нешта се случија!

Прочитајте за успесите на нашите студенти и случувања кои ги одбележаа овие два месеци. Прочитајте и за активностите на нашите ментори, но и информации од неформален карактер.

Ви благодариме месец мај и јуни! ♡



НАШИТЕ СТУДЕНТИ СЕ НЕУМОРНИ…




1. Гаја Смилевска изложи свои дела во МКЦ

Нашата студентка на Академијата за визуелни уметности имаше своја изложба и учество во проектот на МКЦ „Цртање на приказни“, заедно во друштво со едни од најпознатите домашни уметници – Матеј Богдановски, Владимир Лукаш, Ѓорѓе Јовановиќ…

Нејзините дела ги има и во дигиталната галерија овде.


2. Наши студенти учествуваа на Community Table на панел дискусиите на Fashion Weekend Skopje.

Мартин Николоски, заедно со Катерина Тошева и Никола Јовановски, алумни студенти на Академијата за графички дизајн и Академијата за моден дизајн, учестуваа на креативните разговори Creative Talks, но беа и дел од панел дискусиите на Fashion Weekend Skopje. Темата на Community Table беше околу придонесот на македонските дизајнери во општеството, но и во младинското претприемништво. Тема која заслужено ги отвори важните прашања околу состојбата во индустријата.


3. Михаела Панова со најдобар дизајн на костим за капење на кокурсот на SALT MILANO

Нашата студентка на Академијата по моден дизајн, победи на конкурсот на SALT MILANO, со најдобар дизајн на костим за капење. Нејзиниот минималистички пристап и претставување на костимот за капење одговараше најмногу на идејата која од ја бараа, а овој модел ќе биде дел од колекцијата на SALT MILANO за 2022.

Честитки, Михаела!


4. Наши студенти се претставија со свои колекции на Fashion Week

Сара Величковска, Катерина Тошева и Мирјана Јосифоска се алумни на Академијата по моден дизајн, и имаа свое претставување на колекциите на Fashion Week Skopje кој се одржа во Градски парк. Трите претставувања имаа различен стилски и наративен изглед, а публиката можеше да види многу уникатни парчиња од нивните колекции.


5. Имаме супер лого за 10 години постоење на „Скала“

Дејан Ичев, студентот на Академијата за графички дизајн ни направи најкул лого по повод деценија од постоењето на „Скала“.


6. Елена Божиновска, нашата Скалаџика беше учесник на Младинскиот форум за политики

Учеството на Елена на Младинскиот форум за политики е важен сегмент од слушање на гласот на младите, со клучни барања кои ќе ја подобрат положбата на младите и младинските политики.


7. Мартина Пенева, диџејува низ градот

Нашата студентка по Ентериер и продукт дизајн, освен што прави ултра кул ламби, активно диџејува, пуштајќи музика низ сите сетови во Скопскиот етер! Ако не сте биле досега на нејзин сет – не пропуштајте следна прилика.

8. Марјан Анѓеловски објави книга, а доби и европска награда за современа драма

Марјан е наш студент на Обуките по Филмска режија, којшто ја промовираше својата книга „Среќен мртовец“ во салонот КИЦ, книга полна сатира и драма. За драмата „Среќен Мртовец“ добитник е на награда на европско ниво за 2022 година според „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма

9. Да, да, Росоман не е познат само по праски, туку и по уметност!

Томе Арсов, омнистудентот имаше своја изложба на фотографии во своето родно место Росоман, со голема посетеност и широки насмевки на присутните кои уживаа во кадрите кои ги „лови“ Томе.

НАШАТА ШКОЛА…




10. Бевме номинирани на EE Awards, и освоивме второ место со „Скала Магазин“

На Emerging Europe Awards бевме номинирани и освоивме второ место со „Скала Магазин“ за Youth Empowerment. Оваа награда го стави „Скала Магазин“ на европската мапа на платформи кои прават сигурни чекори во промоцијата на уметноста и поддршката на младите креативни гласови.

Па браво за нас!


11. Се случија Отворени денови „Дизајн, коктели, технологии и апетисани“,
во два дена со многу шарени пијачки и дружба…

Менторите Зоран Кардула, Илија Паунков, Ирина Тошева, Дејан Милосавлески, Апостол Тноковски им пренесоа на присутните на Отворените денови низ разговор и претставување на својата работа дел од своите професионални искуства, но и дискусија за оние што сакаа да дознаат повеќе – за работата во индустријата, промените, но и можностите на пазарот.



12. Пуштивме чекор со [ЧЕКОР]– завршна студентска изложба и проекција на кратки филмски етиди и кратки филмови

Повеќе од 100 учесници во изминатите неколку месеци ги посетуваа обуките: фотографија, филмски актер, цртање и сликање, кроење и шиење, Adobe Photoshop и Аdobe Illustrator… Заедно пуштивме чекор и во преполната галерија во Паблик Рум, се случи завршната студентска изложба „Чекор“ како и проекција на кратки филмски етиди и кратки филмови, на задоволство на мноштвото присутни.



13. Го одржавме целодневниот настан „Добро утро креативци“

Целта на овој настан е на едно место да се соберат и претстават актуелните случувања во креативните индустрии, уметноста, дизајнот, културата и образованието. Програмата вклучуваше и саемски изложбен и продажен простор, музички перформанси, панел дискусии и секако – галериска изложба.

Добро утро креативци саем:

Место за чуда 🙂

Во рамки на саемското изложување, се претставија 13 физички и правни лица од креативните индустрии: Ана Јовановска [уметност, дизајн, книги], Данче Станковиќ [ѕидни мурали], Елена Ристовска [накит од сребро и месинг], Еснаф [производи од рачни изработки], Јулија Барбун [накит од епоксидна смола и живи цвекиња], Мирјана Јосифоска [нова модна колекција на шапки], Сказнувалка – Друштво за издавачка дејност [сликовници и книги за деца и млади], Книговез [рачни изработки од хартија и кожа], ХОПС – Опции за здрав живот Скопје [светлосни елементи, хартиени садови], Хеклана [плетена облека и накит], Џолев и уметностите [Школа за дизајн и уметност], 5 до 12 [производи од рачни изработки], Reд [облека и модни додатоци].


Добро утро креативци изложба:

Галериската групна изложба беше отворена во 20 часот на којашто беа претставени слики, скулптури, графики и фотографии. Огромен придонес и чест беше учеството на значајните македонски автори од ликовната сцена, многу од нив и наши професори, активни, но некои од нив и веќе во пензија: Јовица Мијалковиќ, Мирослав Масин, Жарко Башески, Сергеј Андреевски и Симон Шемов.


Добро утро креативци панел:

Сè што сакавме да дознаеме од позиција на уметник/дизајнер за NFT поразговаравме со Иван Ивановски, претприемач, сопственик на „Bike Computer“ и креативец и Андреј Димов, софтвер девелопер. Настанот го модерираше Дејан Џолев, филмски режисер, визуелен артист, основач на „Џолев и уметностите“ и уредник на „Скала магазин“.

Панел дискусијата беше на тема „NFT- Механизам за продажба на уметност или медиум?“ и успешно ги „собра“ актуелните и потенцијалните студенти, особено отворајќи прашања и дискусиите околу главната тема за „хаосот“ на креативниот пазар. Имаше интересни заклучоци и демистифицирање на NFT-то како средство за трговија и уметност.


Добро утро креативци музичка програма:

За дневната музичка програма се погрижија нашите драги пријатели и другари: Мирко Попов, Марко Вилиќ, Лука Кекиќ и Baltiq, кои го „раздвижија“ амбиентот, секој со свој посебен музички придонес.

За звукот во галеријата се погрижи Маестро Георги Трајков на класична гитара. А веднаш потоа на електрични гитарии рипнаа Lepi Xhoni [Љупа Ангелов] + Shema Crew [Андреј Павлов и Андреј Игњатовски]


★ ЗАШТЕДИ 300 ЕВРА СО РАН УПИС ДО 30ти ЈУЛИ! ★



НАШИТЕ МЕНТОРИ…





14. Ирина Тошева со нова колекција по повод 10 годишната работа

Нашата менторка на Академијата за моден дизајн, креираше нова колекција инспирирана од јуручката заедница во Македонија. Колекцијата е наречена OYA, а беше проектиран и документарен филм „Латици“ на оваа тема. Ирина со оваа колекција ја заокружи својата деценија работа во модната индустрија. Честитаме!

15. Теа Беговска имаше успешна премиера на сцената на Драмски театар

Нашата менторка на обуката за филмски актер, имаше успешна премиера со театарската претстава „Вернисаж“, дебитирајќи на сцената на Драмски театар.


16. Зоран Кардула изложи кул постери со ретро-тема

Менторот на Академијата по графички дизајн направи одлична изложба со постери инспирирани од музичката тема на „Новиот бран“. Постерите беа изложени во неформална атмосфера во Аудиокултура.

17. Дејан Џолев даде интервју за inovativnost.mk: НИЕ СМЕ СКАЛА – Школа за дизајн, уметност и технологија!

Џолев вели: „Среќни сме затоа што ја сведочиме среќата на студентите. Нивниот професионален развој. Радува фактот што наши студенти денес се активни учесници во креативната индустрија и заедница, а оние кои одлучија да го продолжат образованието, денес се на престижни светски универзитети.

Тимот. И не само активниот тим, туку сите кои имале придонес кон Школата изминатите 10 години. Ние не сме колеги, ние сме семејство! Нашата Школа не е зграда, Школата ни е дом.“

Да си прославиме и 100 години, нека ни се множат!


18. Крсто Златков беше жири на Бизнис Креативниот Куп годинава, но и панелист на конференцијата за фриленсери

Овој глобален настан е спроведуван во повеќе од 70 земји во светот, а Smart UP- Social Innovation Lab- Лабораторија за социјални иновации го прави достапен и за домашната креативна бизнис заедница, каде Крсто беше дел од жири – комисијата, на висина на задачата.



Се читаме следен месец!


Погледни што се случуваше во месец март и април тука.