На пауза со Александра Азманова I Skala
На пауза со Александра Азманов, тековен студент на Академијата за UX/UI+ дизајн I Skala

„Уживам да работам проекти надвор од комфор зоната“- На пауза со Александра Азманова, UX/UI+ дизајнерка

801 Comments off UX/UI+, UX/UI+ избрани, Инфо, кариера

„На пауза со“… е рубрика во која си зборуваме со наши тековни или алумни студенти кои имаат што да ни споделат од своите професионални активности. Овој пат разговаравме со Александра Азманова, тековна студентка на нашата Академија за UX/UI+ дизајн, која е вработена во Тhe Better Creative, агенција за email дизајн и развој (email design and development).


Разговаравме со Александра Азманова, наша тековна студентка на Академијата за UX/UI+ дизајн, која неколку години работи како UX/UI + дизајнерка и најчесто од дома. На пауза ни раскажа колку ѝ одговара работењето од дома и дека како тековна студентка на Академијата, има предности што многу ѝ помагаат додека работи на различни проекти. И неа ја прашавме неколку прашања, а таа ни ги одговори.



Што претставува твојата работа и што сѐ всушност работи Александра?

Mоментално работам како email дизајнер во еcommerce сферата. Секојдневно создавам дизајн системи, мастер темплејти и дизајни за email кампањи за клиенти од целиот свет. Оваа работа ме инспирираше да се запишам на Академијата на UX/UI+ дизајн затоа што почувствував потреба да научам нешто ново и нешто коешто ќе ми биде нов предизвик.

Работам во Adobe XD и целосниот процес на дизајнирање emails е сличен на дизајн на landing pages. Можам да кажам дека овој процес е мостот помеѓу класичен дизајн во маркетинг и оној следен чекор што е дизајн на мобилни и веб-апликации. Интересно е!


Студираш на Академијата за UX/UI+ дизајн. Колку ти помагаат студиите во она што го правиш сега?

Академијата ми помогна да ги пополнам оние празнини за кои не ни бев свесна дека постојат, да го надополнам моето знаење и да се искачам на едно повиско ниво како дизајнер.


Како некој кој веќе има долгогодишно искуство како дизајнер, она што најмногу ми се допаѓа е учењето на нови tips and tricks од менторите, но исто така и од колегите студенти, затоа што сите имаме свој начин на работа, особено кон нештата коишто ги дизајнираме и како стигнуваме до финалниот продукт.

Академијата ме инспирира, мотивира и едуцира да бидам подобар дизајнер, а знаењето коешто континуирано го добивам го користам на работа но и на приватни проекти. Запишувањето и посетувањето на Академијата дефинитивно е најдобрата одлука што досега ја имам направено за мојата кариера!

Работиш во дизајн агенција, што точно подразбира тоа?

Компанијата во која работам се вика The Better Creative, и е всушност агенција за дизајнирање мејлови, а во моментов сум фриленс. Работниот ден ни е доста активен, секој од нас има свои задачи кои ги следи во Asana (софтвер за менаџирање задачи), а еднаш или двапати во неделата имаме колективни состаноци. Целата комуникација се води онлајн, или преку Zoom состаноци. Интересно е што јас сум единствената Македонка во тимот, сите колеги ми се од Србија. Голем дел од клиентите ни се од Америка, така што комуникацијата се одвива онлајн.

Работата ми дава можност да работам од која сакам локација, затоа што сѐ што ми е потребно е полн лап-топ и интернет конекција. Не можам да ја замислам опцијата да не можам да се релоцирам од едно место, кафуле или град. Спонтаното пакување и менување простор за работа ми е најголема придобивка.

Најголем предизвик додека работиш…

Предизвик на работа ми е мојата борба со перфекционизмот и строгоста спрема себе кога станува збор за создавање совршен дизајн од прва без оставање простор за грешка.

Но, истовремено: мојата работа е како да те инспирирам да купиш нешто што си го видел од одреден веб-сајт или си го одбрал во кошничка, преку дизајнот и маркетинг стратегијата. Јас сум таа што дизајнира што ќе добиеш „во сандаче“. Значи – треба да биде совршено!



Омилен проект на којшто си работела…

Омилен проект на кој сум работела/работам ми е оној проект низ којшто учам нешто ново додека го работам и ме тера да излезам надвор од мојата комфор зона. Искрено тешко ми е да одберам еден, се чувствувам како да одбирам кое дете ми е најомилено 😊 Ги има многу.


На пауза ритуал ми е…

На пауза ритуал ми е да одам на прошетка со моето куче, да си зготвам нешто вкусно за јадење и да уживам во храната додека гледам видеа на јутуб. Работам од дома, така што сево ова е дел од уживањето.


Ние се радуваме кога нашите студенти се реализираат во кариерата како дизајнери и креативци, пред сѐ. Доколку сакате и вие да бидете дел од нашите Академии за дизајн и да имате одлична можност за себенадградба, реализација и професионален развој во креативните индустрии, приклучете ни се:



ПОГЛЕДНИ ПОВЕЌЕ ЗА СИТЕ 6 АКАДЕМИИ ЗА ДИЗАЈН [ТУКА]
Академија за графички дизајн
Академија за UX/UX+ дизајн
Академија за визуелни уметности
Академија за моден дизајн
Академија за ентериер и продукт дизајн
Академија за фотографија



Разговара: Ана Голејшка Џикова
Фотографија: Ана В’чкова