Студентски осврт сo Дејан Ичев и Михаела Јордева »

Студентски осврт сo Дејан Ичев и Михаела Јордева

2178 Comments off Инфо



Интервју : Дејан Ичев, Михаела Јордева – студенти на нашата Академија за графички дизајн.


Разговаравме со нашите студенти Дејан и Михаела за нивниот семестрален проект по предметот фотографија „Рекреација на дело” под менторство на Дејан Џолев. Оригиналните дела се на Андреј Павлов, алумни-студент на Академијата за визуелни уметности, сега ментор на курсот Adobe Illustrator кој започнува на 20 март.



Burnout – Андреј Павлов
Burnout – Дејан Ичев



Срам – Андреј Павлов
Срам – Михаела Јордева



Го избрав делото на Андреј Павлов поради…

Дејан: тоа што едноставно ме привлече неговата уникатност и креативност, не може да видите дело на Андреј и да останете рамнодушни.

Михаела: тоа што ми го привлече вниманието. На час, додека биравме дело за рекреација, искрено многупати се предомислив. Самата илустрација, боите и темата ми беа многу интересни. Веднаш можев да ја замислам како би изгледала како фотографија, што би додала од мојот стил (иако првично имав сосема друга замисла) и знаев дека морам да ја реализирам.


При процесот на креирање, се соочив со…

Дејан: недостаток на време и технички потешкотии. Кога започнавме со проектот, јас не бев во можност да одам во студио, бидејќи заболев од ковид. Со тоа изгубив доста време, дури да започнам со процесот на изработка. Најголем дел од времето го посветив на постпродукцијата, фокусирајќи се најблиску што може да се долови делото на Андреј и да изгледа добро. Јас сум задоволен од крајниот исход и ова беше еден од најинтересните предизвици за мене на академијата.

Михаела: откако веќе знаев како сакам да изгледа крајното дело, процесот го започнав со скицирање и воопшто не знаев дека за првпат ќе се соочам со монтирање на 4 различни фотографии во една. Ми беше предизвик, но по неколку часа во студио бев подготвена да почнам. При процесот имав моменти кога се чувствував заглавено, но научив многу и си дадов слобода да експериментирам со повеќе верзии. 

Моите идни очекувања од Aкадемијата се…

Дејан: доусовршување на моето знаење и по академијата да започнам една успешна кариера како графички дизајнер.

Михаела: предизвици. Јас, иако во академијата се запишав како почетник, сметам дека досега имам стекнато огромно знаење и желба за развој, благодарејќи на менторите од прв семестар. Од вториот семестар, очекувам уште многу предизвици, проекти и важни предавања коишто ќе нѐ подготват за нашата иднина како дизајнери по завршување на академијата.

 

За оние кои сакаат да се запишат на Академијата за графички дизајн…

Дејан: им препорачувам да се охрабрат и да не губат време, туку да веруваат во себе и да се запишат. Академијата нуди добри услови и одлични ментори. Јас, откако се запишав на академијата, научив многу работи за кратко време коишто претходно ми изгледаа недостижно.

Михаела: бидете подготвени за многу интересен процес, прифаќајте ги сите пофалби и критики од менторите, бидејќи тоа е клучно за развивање како дизајнер… Секогаш стремете се за подобро, следете дизајн и истражувајте! И најважна е посветеноста, колку повеќе труд вложуваш, толку повеќе придобиваш од академијата, без разлика дали имаш искуство или си почетник.

Го прашавме и нашиот ментор Андреј Павлов за првите импресии oд праравотката на делата.


Први импресии од преработка на делата …

Андреј: прво, сум многу благодарен, неописливо е чувството да се види како една илустрација добива нова перспектива преку креативното око на Михаела и Дејан. Како една креатива може да биде инспирација за нешто ново и различно во коешто се гледа дека уживале, зборува многу гласно за креативната моќ на колаборација помеѓу љубопитни умови.





Пишува: Марија Пејоска
Фотографија [насловна]: Антонио Станков