На пауза со Теа Клинчарова I Skala
На пауза со Теа Клинчарова I Skala

Работам на комбинирање на различни парчиња облека, од Gucci до Calvin Klein – На пауза со Теа Клинчарова од „Stylitics“


Секогаш сме среќни кога нашите алумни студенти ја пронаоѓаат работата која ги исполнува. Во овој случај, се работи за наша алумни студентка, Теа Клинчарова, која ни раскажа какво ѝ е искуството додека е на работа во модна компанија од Њујорк, Stylitics.

Низ разговорот со Теа, сфативме дека таа всушност направила огромна промена на својата кариерна ориентација, а првиот чекор бил: упис на Академијата за моден дизајн.



Ја прашавме што точно претставува нејзината работа и како тече еден работен ден.

Работам во Stylitics, компанија од Њујорк која нуди визуелни решенија за продажба на модни парчиња, козметика и ентериер.

Чуството да сум дел од оваа компанија која пред сѐ е иновација во онлајн стилизирањето, е доста возбудливо и пресреќна сум дека во Македонија јас и моите колеги добивме шанса да работиме нешто што претходно не било достапно. Работното време е по „американски“ стандард, што значи почнуваме со работа во 12 часот пладне, а завршуваме во 19 часот.

Stylitics е компанија која е стационирана во Њујорк, која е примарно платформа за визуелни решенија и продажба на облека, козметика, ентериер. Во истата работат модни стилисти, визажисти и уметници од глобалната мрежа.


За работните обврски ни кажа…

Секој ден е нова приказна и секој ден е многу интересно бидејќи главната преокупација ми е комбинирањето на различни парчиња од познати брендови и сето тоа да се обликува и предложи на страницата за да биде примамливо, но и да има стилска вредност. За мене тоа е најинтересниот дел од работата.

Работам од дома, иако ние како тим гледаме да се дружиме и да работиме понекогаш заедно во заеднички co-work местенца кои ги има сѐ почесто во Скопје. Работиме за брендови кои ни се дадени од страна на нашата менаџерка Сара Стојчевска, која е најзаслужна за тоа што ние од Скопје можеме да работиме за нив, пример со најголемата стоковна куќа во Америка, Macy’s, на која има многу светски познати брендови, од Michael Kors, Gucci, DKNY до Calvin Klein.

Исто така имаме цели кои треба да ги исполниме во текот на денот и потоа добиваме фидбек од страна на клиентот за сработеното.




За искуството на Академијата во Скала ни сподели…


Академијата за моден дизајн и предметите кои ги поминав во таа година, за мене беа од големо значење, се здобив со големо знаење и само ми е жал што Академијата не траеше повеќе од една година. Уште ги паметам и зборовите на менторот Буле: „На почетокот едвај конец во игла вденуваше, а види се сега до каде стигна!“

Реално, јас сум јазичар по професија (имам дипломирано италијански јазик и книжевност) и работев во сосема друг сектор пред да се одлучам дека сакам да одам на Академијата и да излезам од сопствената комфор зона.




За преквалификацијата…


Тоа што јас го имав како желба и животна пасија, со помош на менторите го надградив, иако сметам дека со текот на работата сѐ уште учам и ќе учам. Навистина сум среќна дека успеав со помош на Академијата да направам преквалификација и да го работам тоа што од секогаш сум го посакувала!  


Честитки Теодора!



Разговараше: Ана Голејшка Џикова
Фотографија: Ана В’чкова