На пауза со Мартина Митревска I Skala
Академија за графички дизајн/ Скала Школа за дизајн, Мартина, Do More

Ја „уживам“ целата привилегија на Академијата за графички дизајн – На пауза со Mартина од „DO:MORE“

660 Comments off Академии, Инфо, кариера


На пауза ѝ отидовме на работа, каде нѐ пречека нејзиниот симпатичен миленик, кученцето Фројд. Ни раскажа како ѝ поминува еден работен ден во маркетинг агенцијата DO:MORE, за клиентите и потребите со кои се соочува, но и адреналинот кој ја прави нејзината работа динамична.

Зборуваме со Мартина Митревска, алумни студентка на Академијата за графички дизајн.


DO:MORE е маркетинг агенција од Скопје која постои неколку години и се води по мотото дека „секогаш може повеќе“ особено кога станува збор за поврзување на клиентите и брендовите.


Мартина Митревска - Академија за графички дизајн - скала - џолев


Работното искуство во DO:MORE би го опишала како…

Огромен предизвик секојдневно да работам на различни проекти.

Секојдневно соработувам со различни клиенти, различни креативни умови и барања.  Во тимот сум повеќе од една година и слободно ќе кажам дека ова е работна средина во која го унапредив своето познавање за работата, во однос на изнаоѓање креативни решенија за одреден графички проблем.

Сите идеи што треба да станат решение, надминувањето на секоја препрека до усовршување на секое скалило до дигитален материјал… Сѐ до социјални медиуми и изработка на принт материјали.


Како тече еден работен ден во агенција?

Денот ни започнува со тимски состанок, на кој разговараме што сѐ треба да се сработи во текот на денот. Разгледуваме проекти кои ни се на листата to do (more) 😊

Потоа уживаме во динамиката на денот, стигнување на рокови, егзекуција. Често имаме состаноци со нови или постојани клиенти, истражување на маркетинг трендовите на пазарот. Крајот на работниот ден е секогаш резервиран за сумирање на резултатите од сработеното и оценување на продуктивноста.


Мартина Митревска - Академија за графички дизајн - скала - џолев



Како ти помогна Академијата за она што го работиш и создаваш денес?


Откако знам за себе, ја сакам уметноста. Академијата за графички дизајн ми помогна уште повеќе да ја засакам уметноста на начин што станав свесна за себе и своите уметнички погледи. Најголема придобивка од Академијата е што конечно успеав да излезам од сопственото „заложништво“ (комфор зоната).

Сега создавам свои уметнички ќошиња, ја „уживам“ целата привилегија на самата Академија, можноста да соработувам со креативни индустрии, да го живеам процесот од идеја до реализација и најмногу од сѐ – шансата да работам и творам на реални проекти.




Какви се предизвиците додека работиш, со какви клиенти соработуваш?


Најголем предизвик на работа ми е секојдневното пронаоѓање на решенија за различни креативни проблеми, во најкус временски период. Таа динамика од трансформација на моите креативни мисли од еден на друг проект со комплетно различен правец и динамика… Тој момент на работа под позитивен притисок и рокови. Токму таму го пронаоѓам најголемиот адреналин во моето креативно творење.

Соработката со клиентите ми е инспиративна, бидејќи за голем дел од нив работиме целосни графики за нивните потреби: од постери, банери, флаери. Сѐ од дигитален и печатен принт. Дел од нив се од архитектонската, модната, но и угостителска индустрија, значи широк лак на клиенти.  


На кои проекти или соработка со клиенти си најгорда?

Имам многу проекти на кои сум горда што сум била дел од тимот што ги создавал. Ако треба да одберам само еден, тоа е дефитинитивно создавањето на еден нов бренд на пазарот, првата македонска козметика за кучиња, BooBoo. Целиот процес би го опишала како една активна и комплексна забава, затоа што за првпат на пазарот нудиш козметика за миленици.

Тој проект беше многу важен за мене, и тимот со којшто ја создававме приказната. Со BooBoo се здобив со голема креативна самодоверба и поттик да продолжам да го давам најдоброто од себе.

Честитки Мартина!


Разговараше: Ана Голејшка Џикова
Фотографија: Ана В’чкова