Нов моден едиторијал од студентите на Скала изработен со вештачка интелигенција » SKALA School
скала-академија-моден-дизајн-џолев-едиториал

Нов моден едиторијал од студентите на Скала изработен со вештачка интелигенција


Изминa уште една успешна и продуктивна година за студентите од Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн и уметност „СКАЛА“.

Од првите искуства со техниките на кроење и шиење до дизајнирањето на сопствена модна колекција, студентите на Aкадемијата искусија комплетна професионална трансформација, креирајќи автентични модни парчиња. Во духот на активностите коишто беа дел од овогодинешната програма на Академијата, студентите изработија фото-едиторијали на своите модни колекции, заокружувајќи го кругот на севкупното искуство при дизајнирање на модна колекција, од идеја до реализација.

Студентите имаа можност да се вклучат во процесот на подготовки и планирање на еден фото-едиторијал, да ја почувствуваат атмосферата за време на фотографирање во студио, избор на модел, аутфит и насоки при фотографирањето.

Низ нивните приказни и креативни решенија, ги водеше менторскиот тим составен од врвни експерти во своите области како: Никола Булевски – Буле, Александар Ношпал, Ирина Тошева и Елена Вангеловска, во соработка и поддршка со останатите ментори на Академијата. 

Едиторијалот е изработен во соработка со студентите од Академијата за визуелни уметности, Андреј Арсенков, Стефан Петровски и Емилија Голабовска во рамки на предметот применета фотографија под менторство на Дејан Џолев

По тој повод, поразговаравме со дел од студентите кои ни споделија повеќе за инспирацијата при дизајнирање, материјалите коишто ги искористиле и од коишто ги дизајнирале нивните модни колекции. Еве што ни споделија… 




„DIVERSO“

Велика Лешева

Отсекогаш сум сакала да носам јаки, разиграни бои и да бидам поразлична од другите. Па токму затоа, насловот на мојата колекција е „DIVERSO“. Инспирација ми беше италијанскиот остров Бурано чијашто архитектура ја преточив во модернизирана линија на уникатни парчиња облека. Впечатливите јаки бои на куќите во Бурано ме инспирираа да создадам колекција којашто ќе биде наменета за смели девојки и жени кои без разлика на годините сакаат да изгледаат моќно и да привлечат внимание со својот изглед. Дополнителна инспирација ми беше населението кое живеело таму, односно рибарите кои ловеле риба и жените кои изработувале тантела, затоа се вметнати детали како што се: плетена рибарска мрежа и принт од тантела. Присутни се дизајни креирани за современите храбри дами кои бараат смел и атрактивен изглед и не се плашат да изгледаат поразлично од другите, им ја овозможува привилегијата да се во центарот на вниманието. Спојувајќи ги уметноста и модата, создадов безвременски парчиња облека.



Суштински дел од реализацијата на фото-едиторијалот и претставувањето на модните колекции на студентите е младата и талентирана фотографка Ана В’чкова, љубител на концептуалната фотографија и процесот на раскажување визуелни приказни, обработувајќи мотиви од директни, индиректни искуства и општествени случувања. Таа за нејзиниот креативен процес и соработка со студентите ни сподели….



„Надреална стварност“

Ана В’чкова
Авторска експликација за фото-едиторијал

Создавањето на моден фото-едиторијал е идеен предизвик, бидејќи треба да се пренесе суштината на концептот на модниот креатор, визуелно, преку фотографии. Секој од авторите имаат свои концепти, приказни коишто ги инспирирале да ги создадат колекциите, тие пак се толку автентични и дијаметрално различни што во суштина е тешко да се соединат во еден едиторијал во коишто би постоеле самостојно. Со менторот Дејан Џолев, дојдовме до заклучок дека заедничкото на сите тие концепти е всушност географска локација. Инспирирани од МЕТА светот, футуристичките визуелни елементи и концептот на виртуелен свет како возбудлива територија на истражување, ги обединивме сите тие земски локации и приказни во еден нов хибриден надреален свет во којшто Сонцето и Месечината постојат заедно, песокот е пастелно розев, а водата од смарагдно зелена станува неонско розева. Амбиентот се менува во корелација со колекцијата и допринесува за целокупното естетско уживање коешто ја стимулира фантазијата.

ДИЗАЈН [лево]: Тони Петрушевски
ДИЗАЈН [десно]: Маја Матлијоска





„Успешен потег“

Симона Николовска



Ја добив инспирацијата од јапонската култура, односно од самураите, древни јапонски војници кои сакале да зачуваат вредни традиции. Американските војници имале цел да ги соборат самураите и сосема да го уништат нивното постоење. Но, не само што не успеале во тоа, туку создале легенда за самураите којашто стана препознатлива за многу луѓе во светот. Овој историски пример за мене метафорично ги претставува животните ситуации во коишто обидите да се наштети на другиот, всушност претставуваат можност да се издигне. Самураите се познати како цврсти личности со голема лојалност, сакајќи да ги доловам тие карактерни особини, во облеката се прикажани материјали коишто покажуваат цврстина и сите парчиња имаат остри агли односно истакнати завршетоци. Колекцијата е наменета за девојки од 20 до 35 години кои се храбри, цврсти, кои го знаат значењето на зборот самураи и кои знаат како да ги носат овие парчиња.




ДИЗАЈН [лево]: Тиана Јовиќ
ДИЗАЈН [десно]: Орце Наумовски




„Leggero“


Слоботка Трендова


Колекцијата „Leggero“ е инспирација од модата во 30-те години. Како голем љубител на сликарството, во самата колекција го споив и делото на Ван Гог ,,Ѕвездена ноќ”. Како материјали користев лен, памук, сатен, жоржет и други. Преовладуваат светли бои, а најмногу белата, затоа и самата колекција го носи името ,,Leggero” коешто потекнува од Италија и значи ,,Светлина”. Во сечиј живот постои некоја светлина, а најдобро е вие самите да бидете ваша сопствена. Клиенти кои можат да се пронајдат во оваа колекција се жени и девојки од 25 до 45години. Жени и девојки кои го обожаваат летото и светлите бои, жени кои на беспрекорен начин знаат да го искажат позитивното од себе, притоа чувствувајќи се удобно во своето тело.




ДИЗАЈН [лево]: Леонора Фетаи
ДИЗАЈН [десно]: Снежана Ефковска


Се радуваме на прекрасната соработка и впечатливите фотографии, модните колекции на студентите од Академијата за моден дизајн, ќе имате можност да ги погледнете на Fashion Weekend Skopje, на крајот на месецот септември. Во меѓувреме, искористете го попустот за ран упис на Академијата за моден дизајн чиишто уписи се во тек и истата започнува на 16 октомври. Не пропуштај ја шансата, те очекуваме!


НАСЛОВ: Надреална стварност
ПРОДУКЦИЈА: СКАЛА – Школа за дизајн и уметност, во рамки на Академија за моден дизајн
МЕНТОР НА ДИЗАЈН: Александар Ношпал
МЕНТОР НА КОНСТРУКЦИЈА: Никола Булевски
МЕНТОР НА ФОТОГРАФИЈА: Дејан Џолев
ФОТОГРАФИЈА: Ана В’чкова  
АСС. НА СЕТ: Мартин Чичовски, Андреј Арсенков, Стефан Петровски и Емилија Голабовска
МОДЕЛИ: Кристина Велковска и Марија Јовчевска
АГЕНЦИЈА: Моделс ИН 
ШМИНКА: Небојша Пешевски