Разговори со Петар Џон »

Разговори со Петар Џон

1778 Comments off Инфо


Здраво на сите!
Јас сум Елена, координаторка за социјални медиуми во Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ и Институтот за дизајн и технологија – ИДТ-Скопје. Со цел подобро да ве запознаеме со дел од нашите ментори и новите едукативни програми, започнуваме серија – „Разговори со..“

На почеток, го имаме нашиот нов ментор, Петар Џон –  визуелен уметник, motion graphic designer и коосновач на Lazy Kidz Visualz, виџеј колектив. Тој своите знаења од различни домени ги преточува во визуелни наративи, анимации, видеоинсталации.


За што ќе разговараме со Петар… ?


За долгоочекуваната и една од најпосакуваните алатки помеѓу студентите од Академијата за визуелни уметности и курсот за ADOBE After Effects.


ADOBE After Effects е софтверска апликација за дигитални визуелни ефекти, 2D- анимации и „motion graphics“, којашто денес има навистина широка примена во областите на филмската индустрија, ТВ, видео реклами, веб-дизајн и анимирани графики како дел од различни маркетинг-кампањи.


Елена: Активен си на многу полиња во областа на визуелните уметности, па раскажи ни нешто повеќе во врска со тоа…

Петар: Точно, гравитирам кон повеќе области на визуелните уметности. Претежно проектите ми се поврзани со видео-мапинг, интерактивни и видео-инсталации, мултимедијални перформанси, понекогаш и во соработка со други уметници.


Елена: Која е твојата инспирација и какви анимации најчесто правиш?

Петар: Инспирацијата ја црпам од секојдневието, природата, науката, астрономијата, физиката, архитектурата, технолошките достигнувања, историјата, музиката, филмот, играта со сенки и светло…
Повеќе сакам динамични анимации коишто преферирам секогаш да се добро сихронизирани со музиката. Поприлично сум скржав со боите, сакам повеќе монохроматски и „десатурирани“, но неодамна решив да ја попуштам таа стега и експериментирав со повеќе бои, па така дојдов до исклучително добри анимации.


Елена: Раскажи ни за твојот креативен процес?

Петар: Откако магично ќе добијам идеја за проект, создавам концепт, истражувам за истиот, си правам moodboards, потоа креирам некое графичко решение, а истовремено гледам да најдам и музика за решението, а потоа го анимирам делото и го адаптирам. На пример, ако има видео-мапинг на некој историски локалитет, доста читам за него и пробувам да го имплементирам сето тоа во анимацијата. Кога правам анимации поврзани со историја, користам методи или техники коишто пробуваат да евоцираат некои спомени. Секако, на крај е финиширање и евалуација. 



Елена: Што значи да се биде Motion graphics designer?

Петар: Исто што и графички дизајнер, само што повеќе се движам 🙂 Како што и во секоја друга професија, луѓето се трудат да бидат најдобри што можат во тоа што го работат, така и јас. Оваа професија бара доста интензивно истражување во поглед на технологијата, а тоа на некој начин е привилегија, бидејќи доста работи учиме додека истражуваме и навистина ми е драго што мојата професија е баш таква.


Елена: Имаше интересен проект на Skopje Light District, може ли да ни раскажеш повеќе во врска со тоа? 

Петар: Станува збор за интерактивна инсталација, на којашто беше поставен сензор којшто регистрираше движење. Овој сензор пак, беше поставен пред голем ЛЕД-екран и со секое движење на луѓето правеше одредени промени на сликата, односно конкретно излегуваа разни отпадоци од нивната силуета. Идејата беше да делува како огледало каде што поминувачот ќе може да си го види сопствениот одраз во природата. Сето она ѓубре што го исфрламе на почвата, во водата, во атмосферата и како тоа ние го конзумираме кога го јадеме, пиеме, дишеме и како сето тоа ѓубре се испреплетува со нашето мускулно ткиво.




Елена: Ментор си на обуката за ADOBE AFTER EFFECTS: Моушн дизајн и анимација, па кажи ни, кој тип на предзнаења и вештини сметаш дека треба да ги имаат нашите студенти за да започнат со вашата програма?

Петар: Сите предмети што ги имаа студентите во претходниот семестар, дефинитивно ќе може да ги применат и ќе им бидат од корист. Во изучување на основите, сигурен сум дека сите ќе успеат да ја совладаат програмата, но за да одат чекор понатаму и ова да им стане професија, ќе им биде потребно малку повеќе љубопитност, упорност и многу експериментирање – барем јас така научив, па така и ќе ги советувам моите студенти.