Разговори сo Дејан Смилески »

Разговори сo Дејан Смилески

1739 Comments off Инфо



По убавиот разговор со Петар Џон , продолжуваме во иста линија,  со нови искуства споделени од Дејан Смилески, дипломиран ТВ и филмски монтажер и наш ментор на обуката за ADOBE PREMIERE: Филмска и ТВ монтажа. 


За долгоочекуваната и една од најпосакуваните алатки помеѓу студентите од Академијата за визуелни уметности и курсот за ADOBE Premiere pro.


Елена: Во твоето портфолио гледаме интересни наслови на филмски и ТВ проекти – кој од нив би го издвоил како посебно драг и зошто? 🙂 

Дејан: До сега сите проекти на кои што имам работено ми се многу драги, но кога би морал да издвојам, како најдраги би ја издвоил домашната ТВ серија – Фамилија Марковски и документарниот филм Кобра особено затоа што тие се првите посериозни проекти, кои што ми отвориле можност да влезам во еден друг вид на филмска и ТВ дејност.


Елена: Раскажи ни малку за твојата улога и како изгледаше целиот процес на работа на Фамилијата Марковски?

Дејан: Сите кои што работиме постпродукција, сме од другата страна на сетот, односно ние сме на дистанца од целиот претходен процес и најобјективно може да видиме што се случувало од аспект на глума, режија, сцени итн. Кога се работи на вакви посериозни проекти, во основа се работи од 10 – 12 часа дневно. Моите работни обврски започнуваа со копирање и правење „backup“ на снимените материјали, што претставува доста одговорна задача, затоа што доколку се случи грешка во самиот старт или се појави проблем, како на пример со кадри, картици или било кој друг дел од материјалот, веднаш треба да се интервенира, односно сето тоа мора во истиот момент да се пријави. На толку труд и работа од сите засегнати страни, ако се остане без материјал – целиот труд и вложеното време би биле за џабе.

Вториот чекор, откако ќе го добијам материјалот, е прва монтажа на сите сцени што биле снимени дента. Тука станува збор за една „груба“ монтажа, со цел да се види дали има потреба од доснимување, преснимување или се е како што треба. Потоа следат  останатите процеси на финализирање на видео монтажата со звукот, анимации, колор корекции и сл. 




Елена: Покрај работата, искуството го стекнуваме и од преостанатите луѓе кои се дел од процесите. Колку е тоа особено важно?

Дејан: Во целиот мој ангажман, особено ми беше чест и драго што добив можност да делам монтажерски кредит со Владимир Павловски, на седмата епизода од втората сезона на Фамилија Марковски. Дефинитивно, секоја соработка отвара нови можности и искуства. По овој ангажман, Павловски заедно со Скопје Филм Студио и Игор Иванов како режисер ми дадоа шанса да работам како монтажер на документарниот филм Kobra, за олимпискиот првак Шабан Трстена.  


Елена: Работиш во Adobe Premiere. Може ли да не запознаеш со оваа алатка и нејзината примена?

Дејан: Adobe Premiere е доста интиутивна и применлива алатка, во однос не само на филмска и тв продукција, односно постпродукција, туку е и стандардизирана алатка, која се користи за скоро се кога станува збор за видео монтажа. Како на пример, за социјалните мрежи – што значи за сите реклами, видеа, целиот видео маркетинг на Facebook и Instagram, но и за општа примена. Тука е и новата платформа ТikTok, каде многу од корисниците можат да монтираат видеа со Adobe Premier, со цел тие да изгледаат подобро.


Елена: Кои филмски дела/ ТВ серии би ги издвоил како пример за одлична монтажа?

Дејан: Монтажата го збогатува самиот материјал (филм). Колку повеќе материјал има, толку во подобра форма можеш да го донесеш самиот продукт. Би дал два примери, но, секако, ова е мое индивидуално гледиште и размислување. Како филмско дело би го издвоил документарецот Team Foxcatcher, а како ТВ серија Counterpart.


Елена: Кои се најважните работи според тебе, кои треба да се знаат, пред да се почне со оваа професија?

Дејан: Како што напоменав, самиот софтвер е интуитивен, но секако дека исто како и се друго бара да посветиш внимание. Колку повеќе работиш со одредени материјали, колку повеќе се посветуваш на тоа, побрзо и поедноставно ги сработуваш работите кои ти се зададени. Иако на почеток почнува да се јавува двоумица, кое копче за каде беше и сл, со секое наредно работење, секоја наредна вежба, почнува механички да се совладува, без да размислуваш за опциите кои што ги подесуваш. Кога ќе се дојде до тоа ниво, забораваш на командите, туку едноставно се фокусираш на материјалот.


Елена: Ментор си на нашата обука за ADOBE PREMIERE: Филмска и ТВ монтажа, како и предметот во рамките на Академијата за визуелни уметности.  Што ќе ги советуваш нашите студенти, но и сите оние кои сакаат да ја изучат оваа алатка, пред да започнат со нивната обука?

Дејан: Ова е нешто што секој може да го работи доколку има желба и се однесува на секој кој сака да креира сам продукт од А до Ш, почнувајќи од пишано сценарио, до снимање и монтирање. Секако со обуката за Adobe Premiere: Филмска и ТВ монтажа целиот процес е хронолошки поставен и тука сме ние за да им помогне на студентите и курсистите полесно да го совладаат.