РEТРОСПЕКТОР: Во месец септември, интернационални награди, вработувања, коктели, и…
Прочитајте за успесите на нашите студенти на интернационални и домашни фестивали, вработувањата во креативните индустрии по завршување на Академиите за дизајн. Прочитајте и за активностите на нашите ментори, но и информации од неформален карактер.
Ти благодариме месец септември! ♡
НАШИТЕ СТУДЕНТИ…
1. Софија Христовска освои бројни фестивалски награди
Алумни-студентката од обука по филмска режија, Софија Христовска, освои бројни награди на фестивалите меѓу кои:
- Life Screenings International One Minute Film Festival, Clermont, United States – official selection
- Vesuvius International Film Fest, Campania Italy – Award winner
- Auber International Film Festival, Paris, France – Award winner
- Cardora – Micro Movie Film Festival, Seer Green, United Kingdom – official selection
„Слепило“ (2021) е краток филм, базиран врз источните спиритуални филозофии, кратка приказна со осврт на егото, коешто се јавува како проблем и нѐ заслепува со текот на годините.
2. Тројца наши студенти, дел од 16-те проекции на SKLAD
Студентите Марко Вилиќ со „Утопија“, Андреј Павлов со „Сизифово повторување“ и Милан Димитриев со „Сончев циклус“, заедно со нивниот ментор по предметот Motion design и анимација на Академијата за визуелни уметности – Петар Џон, се претставија со визуелен перформанс на Skopje Light Art District 2021!
Импресиите од СКЛАД може да ги погледнете на следниот линк.
3. Студентката Верица, дел од EXPO 30
Верица, по завршувањето на Академијата за моден дизајн, се вработи во модното студио на креаторката Јована Филиповиќ. Студиото беше дел од овогодинешниот EXPO 30 – настан со најновата колекција насловена како Lucid Dreams in Torn Realities, посветен на македонската мода, во организација на Ботега Евенти.
4. Стефан Танков, со два нови проекти
Прв на листата е проектот „ReCulture“, којшто целосно ќе ги редизајнира културните институции од Западен Балкан. Меѓу осумте избрани млади дизајнери, беше и студентот на Академијата за графички дизајн, Стефан Танков. Учесниците, под менторство на искусни дизајнери, во наредните три години ќе работат на создавање на нови визуелни идентитети на четири културни центри низ Балканот.
Танков исто така, го изработи и визуелниот идентитет за седмото издание на „Букстар фестивал“, во организација на Антолог. Овогодинешното издание ќе се одвива под темата „Genresis“, односно, генеза на жанрови во литературата низ времето, којашто Стефан ја претставува преку една „визуелна поема“ во решението за постерот.
5. Успешно завршени пракси во компаниите
Месеците август и септември, беа месеци посветени на практична работа во компании. Знаењето коешто го добија студентите во текот на минатата академска година го применија и надополнија во најзначајните компании од нашата креативна индустрија! Изминатиот месец, претставивме многу мал дел од успешните приказни на нашите студенти. Прочитајте повеќе за Бојан Матејин, Никола Јовановски, Тијана Тошиќ, Христина Пешевска, студенти на Академиите за Графички дизајн, Визуелни уметности, Моден дизајн и Ентериер дизајн.
6. Студентот Андреј Игњатовски со подкастот #ПаркШема
Нашиот студент од Академијата за графички дизајн – Андреј Игњатовски, заедно со неговиот пријател Петар Марковиќ, започнаа со реализација на подкастот Парк Шема. Ова е нивниот мал прозорец во нивните секојдневни муабети, за омилените бендови, албуми, песни, жанрови на музика и интересни приказни во индустријата.
7. „Скала магазин“, номинирана за награда за социјален импакт и претприемништво за 2020 година
Доказ дека нашите студенти работат и кога спијат (:D) е номинацијата на студентската платформа „Скала магазин“, за наградата Social Impact Award 2020, којашто промовира едукација, пракса, социјално претприемништво и социјални вредности помеѓу младите луѓе во Европа, Азија и Африка.
НАШАТА ШКОЛА…
8. Александар Ношпал, нов ментор на Академијата за моден дизајн
Oд оваа академска година започнуваме соработка со познатиот македонски дизајнер и костимограф, Александар Ношпал, кој е нов ментор на предметите „вовед во моден дизајн“ и „модна колекција“. Украдовме малку време од неговиот полн продуктивен распоред да поразговараме за тоа што ги очекува студентите оваа учебна година, на Академијата за моден дизајн. [Повеќе на следниот линк]
9. Успешно реализиран настан „Дизајн&Коктели“
Несомнено, еден од нашите омилени настани е токму „Дизајн & Коктели“, од едноставна причина – се дружиме, разговараме, учиме, дискутираме за дизајн и пиеме коктели! 🙂
Оваа година, се дружевме со менторите: Дејан Џолев (Академија за визуелни уметности), Влатко Ристов (Академија за графички дизајн), Апостол Тноковски (Академија за ентериер и продукт-дизајн), Никола Булески (Академија за моден дизајн), Зоран Кардула (Академиите за графички дизајн и визуелни уметности) и Никола Узуновски (Академија за ентериер и продукт-дизајн) кои, заедно со присутните учесници, водеа дискусија, разменија искуства и одговараа на прашања.
10. Честитки за нашиот дизајнер – доби две награди за дизајн на книга!
Нашиот колега, и алумни студент, Андреј Павлов, секогаш нѐ прави особено горди! Овојпат, доби две награди за оригинален дизајн на корица и/или внатрешно уредување: I место за „Жолтата куќа“ и III место за „Кафка на брегот“. Му посакуваме уште бројни успешно наградени дизајни!
11. Започнаа уписите за 10 обуки и 5 академии!
Време е за будење! Време е да направите нешто за вашата кариера. Есенското мени е подготвено за вашите сонови. Погледнете ја програмата на 10-те три-месечни обуки и 5-те едно-годишни академии одобласта на дизајнот и уметностите. Научете нови вештини, запознајте ги вашите нови соработници, започнете кариера веднаш! Ние сме школа за дизајн и уметност, подготвени за вашиот сон. [линк до Академии // линк до Обуки]
12. Настан: Бионичка трансформација на прототипови и дизајн на производ
Секогаш имаме инспиративни гости/нки! Овојпат ИДТ, виртуелно ни ја донесе Татјана Николаева, која одржа предавање на темата „Бионичка трансформација на прототипи во дизајн-објект“. Предавањето опфати најразлични теми како: биониката како наука и пристап, карактеристики и употреба на биониката во различни области: наука, инженерство, дизајн, архитектура, медицина, хемија, суштината на методот и процесот на бионичка трансформација, дизајн на облека со употреба на бионичка трансформација, перспективи на креативниот и дизајнерскиот пристап на моделирање користејќи Бионика.
НАШИТЕ МЕНТОРИ…
13. Дејан Џолев, дел од жирито на Македонската асоцијација на издавачи
Особено ни е драго што оваа година, дел од тричленото жири за доделување на признанија за книжевни изданија, во организација на Македонска асоцијација на издавачи, беше и нашиот основач и ментор – Дејан Џолев, кој имаше за задача да даде аргументирано видување за ликовното обликување на книгите.
14. Зоран Кардула, со награда за илустрирана книга за деца
Нашиот ментор на академиите за дизајн, Зоран Кардула, на овогодинешниот „Саем на книга“ го доби третото место за категоријата: оригинални изданија или адаптации, при коишто е видлива заслугата на издавачот за нивниот краен изглед и содржина за илустрираната книга за деца „Хор во задниот двор“, на авторот Владимир Мартиновски.
15. Изложба на менторот Дарко Аницин
Нашиот ментор по илустрација и ликовен уметник, Дарко Аницин, овој 1-ви септември го одбележа со својата самостојна интерактивна изложба „Виножито на радоста“, во Домот на култура „Кочо Рацин“. Целта на изложбата е вид на истражување, да ги осознае преку боите [G1] психолошките состојби на учесниците.
16. Теа Беговска успешно го реализираше првото издание на Strum und Drang Festival
Менторката на обуката за филмски актер, Теа Беговска, успешно го реализираше првото издание на онлајн интернационалниот алтернативен фестивал Театарски Eвропски Aлтернативи „Strum und Drang”. Фестивалот траеше 7 дена, беа прикажани 11 продукции, а програмата беше поделена на интернационална и студентска програма. Ѝ честитаме и ѝ посакуваме уште многу успешно реализирани фестивали <3!
17. Никола Булески, костимограф на новата претстава на МОБ
Менторот на Академијата за моден дизајн, Никола Булески, е костимографот на операта „Палјачи“ којашто ја отвори новата сезона на МОБ, на 30-ти септември. Булески изјави дека дел од костимите се преработени и од рециклирани материјали, со цел да се подигне еколошката свест и да се работи на одржливоста.
Може да создаваме заедно! Препознај што е најдобро за тебе и твојата кариера. Ние сме 9 години Школа за дизајн и уметност. Ние сме „Џолев и уметностите“.